Радио Милева фолкерот се заканува со милионска тужба

Честа, угледот и професионалниот интегритет на Зоран Ванев не се предмет на пазарење-нивната вредност повеќекратно надминува сто илјади евра!

Честа, угледот и професионалниот интегритет на Зоран Ванев не се предмет на пазарење-нивната вредност повеќекратно надминува сто илјади евра!

Откако актуелниот уметнички директор и членот на уметничкиот совет на реномираниот музички фестивал „Макфест“, истакнатите музички артисти Роберт Саздов и Јован Јованов, покренаа правна постапка за утврдување граѓанска одговорност за клевета и навреда против пејачот Зоран Ванев преку својот правен застапник, адвокатот Јанаки Митровски, во која бараат отштета во вкупен износ од 6.200.000,00 денари поради сериозно нарушување на нивната чест, углед и професионално реноме, скандалот наречен „Макфест“ добива и трето полувреме.

Имено, на нивната реакција која уследи по серијата обвинувања што Ванев ги пласираше на својот Фејсбук профил на 11 и 12 август годинава, во кои ги обвинува Саздов и Јованов за наводен економски криминал со средствата на фестивалот, монополизирање на системот за наплата на авторски права и местење државни субвенции, тие решија правдата да ја бараат на суд.

Но, македонскиот фолк пејач со швајцарска адреса на живеење тука не застана, па на нивната реакција која ја објавија медиумите, испрати контрареакција во вид на јавно соопштение во кое како што самиот вели, има цел да и демантира наводните неосновани наводи  и да упати сериозна правна опомена до лицата кои сакаат да го нарушат неговиот углед.

Ова е неговото соопштение упатено до медиумите, меѓу кои и до редакцијата на Вистина.ком.мк:

До: Инволвираните страни во раководството на фестивалот „Макфест“, нивните правни застапници и целокупната медиумска јавност.
Во име на вистината, правдата и заштитата на мојот личен и професионален интегритет, јавно се обраќам со цел да ги демантирам неоснованите наводи и да упатам сериозна правна опомена до лицата кои се обидуваат да го нарушат мојот углед.
Мојот кредибилитет е граден со децении преку чесна работа. Самиот мој образ и транспарентност се моите најсилни правни аргументи со кои овој спор, доколку се иницира, е добиен уште на самиот почеток. Едвај чекав да ја отворите Пандорината кутија, бидејќи токму во неа самите ќе се закопате.

1. Фејсбук објавата е „свиркач“, а конкретните докази се за на Суд

Повик до надлежните органи: Во однос на вашата наивна и смешна забелешка дека во мојата Фејсбук објава „немало приложено докази“ — сакам јасно да ви појаснам: социјалните мрежи не се судница. Мојата објава имаше исклучиво функција на „свиркач“ и претставуваше отворен јавен повик до надлежните истражни органи конечно да ги отворат очите, да влезат и да спроведат темелна истрага.

Судска разврска: Конкретните, неизбришливи и материјални докази со кои располагам нема да ги трошам и девалвирам по портали. Тие ќе бидат уредно, прецизно и безмилосно изнесени таму каде што им е местото — пред Судот.

Факти, а не самоволие: Зоран Ванев не пишува од самоволие. Секој мој збор е дебело поткрепен со факти за кои, во морето од ваши безбројни малверзации, можеби и самите веќе не сте свесни што сè сте направиле. Но, не грижете се, на сето тоа ќе ве потсетам кога ќе дојде време.

2. Процесуални повреди и најава за милионско отштетно побарување

Вонправна достава: Му порачувам на вашиот правен застапник да ги почитува елементарните норми. Правни списи и закани не се доставуваат на крајно непрофесионален начин – преку приватни лица низ Штип или преку Фејсбук објави. Доколку навистина имате правен основ, уредно доставете ја тужбата или што и да имате намислено на мојата адреса во Швајцарија.

Милионска контра-тужба: Сумата од 100.000 евра со која се обидувате да ме замолчите е само ваша правна фантазија. Јас сум државјанин на Швајцарија со титула Доктор на природна медицина, и штетата врз мојот углед е загрижувачка. Доколку мислевте дека сум несериозен човек и дека ве посочувам без причина и материјални докази, многу сте згрешиле. Следствено, моето отштетно побарување нема да биде 100.000 евра, туку можеби ќе биде милионско. Зоран Ванев не е „тиква без корење“, туку човек патриот кој со чист образ чекори низ целиот свој живот.

3. Лоцирање на одговорноста и злоупотребата на буџетот

Ќе ми биде исклучителна чест, задоволство и вистинско уживање судски да го процесуирам овој случај и да го набљудувам разоткривањето на оваа мафијашка конструкција која со години профитира од парите на народот. Директно ги лоцирам:

Роберт Саздов (како уметнички директор на Макфест кој го одобрува ова неправилно и Авторско-Дискриминувачки зделки)

Јован Јованов (како главата на целата оваа мафијашка конструкција)
Доколку дојде до судска разрешница, многу ќе ми биде жал што во процесот неминовно ќе мора да бидат вплеткани и одредени луѓе од Општината. Но, од друга страна, тоа е неизбежно кога со такви луѓе како нив си имаат склучено договор за соработка.

4. Фактички демант за одбиените композиции

Во однос на вашите тврдења дека мојата реакција произлегува од суета поради „една одбиена песна“, најостро ве демантирам. Фактичката состојба е дека беа одбиени две песни, и тоа е апсолутно најмалиот проблем во целата ситуација.
Мојот квалитет што го поседувам како музичар е далеку пред сите во Македонија. Почнувајќи од „Јужна пруга“ која е безвременски хит, па понатаму — тоа се успеси за кои овие наведени музички имиња можат само да сонуваат.

Со почит,

Зоран Ванев

To top