Актуелниот уметнички директор и членот на уметничкиот совет на реномираниот музички фестивал „Макфест“, истакнатите музички артисти Роберт Саздов и Јован Јованов, покренаа правна постапка за утврдување граѓанска одговорност за клевета и навреда против пејачот Зоран Ванев.
Преку својот правен застапник, адвокатот Јанаки Митровски, тие бараат отштета во вкупен износ од 6.200.000,00 денари поради сериозно нарушување на нивната чест, углед и професионално реноме.
Реакцијата уследи по серијата обвинувања што Ванев ги пласираше на својот Фејсбук профил на 11 и 12 август годинава, во кои ги нагласи Саздов и Јованов за наводен економски криминал со средствата на фестивалот, монополизирање на системот за наплата на авторски права и местење државни субвенции.

Од правниот тим на Саздов и Јованов демантираат каква било инволвираност во незаконски дејствија, посочувајќи дека ваквите јавни напади се мотивирани од ниски и одмазнички побуди, откако песната на Ванев со која аплицирал за овогодинешното издание на „Макфест“ била одбиена од страна на комисијата.
Во продолжение, редакцијата на нашиот медиум во целост го пренесува јавниот демант и соопштението испратено од полномошникот на оштетените:
ЈАВЕН ДЕМАНТ(Од полномошникот на Робертино Саздов и Јован Јованов, адвокат Јанаки Митровски)
На ден 11.08.2026 година лицето Зоран Ванев на својот фејсбук профил изнесе невистини и клеветнички наводи и навреди за етаблираните и признати музички артисти Робертино Саздов и Јован Јованов, ословувајќи ги како музичари кои правеле економски криминал со Макфест, располагале со парите на фестивалот и ненаменски ги трошеле, а воедно го злоупотребувале фестивалот. Потоа лицето Зоран Ванев ги клевети дека лажирале телефонски гласови на фестивали, делеле државни субвенции, го монополизирале системот на наплата на авторски права во ЗАМП, притоа тврдејќи дека истите тие се одговорни за создавање на „затворени кланови“ за меѓусебно делење на државни субвенции.Покрај наведеното во својата објава Зоран Ванев јавно ги клевети музичките ѕвезди тврдејќи дека поради одредени дејствија кои тие наводно ги презеле, ревискиот оркестар и живата изведба на фестивалот МАКФЕСТ биле укинати, а фестивалот бил претворен во „евтина плејбек манифестација“ како би можеле средствата кои инаку би биле наменети за фестивалот да ги искористат во своја полза, за, како што е наведено „сомнителни менаџерски провизии“.Еден ден подоцна, на 12.08.2026 година на истиот фејсбук профил повторно е објавен исказ со слична содржина, во кој повторно главен таргет се нашите властодавци Робертино Саздов и Јован Јованов, повторно обвинувајќи ги за приватизирање на познатиот фестивал, изигрување на правилата и создавање на приватни зделки. Објавата е достапна за пошироката македонска јавност, пред се поради леснотијата на ширење на информации на социјалните медиуми, но и поради тоа што профилот под име Зоран Ванев има голем број на следачи. Така, самиот факт да имиња на големи музички ѕвезди кои долги години се етаблирани на македонската сцена се претставени на овој скандалозен начин особено претставува ризик за загрозување на нивната кариера, но и допринесува кон зацрнување на нивниот углед.Целокупните тврдења содржат квалификации кои не се ни малку несериозни и оставаат особено лоша слика за популарни музичари како што се нашите властодавци, кои својата егзистенција ја обезбедуваат преку музиката, а нивниот углед и репутација се од неминовно значење, па затоа ваквите наводи и обвинувања може да имаат особено негативно влијание врз нивната чест. Дополнително, при изнесување на наводите на фејсбук профилот навидум се споменуваат некакви материјални докази но, она што е неспорно е дека самата објава не располага со никаков доказ што упатува на тоа дека клеветничките тврдења се вистинити.Бидејќи овие невистинити наводи нанесуваат сериозна штета на честа и угледот на овие двајца реномирани и долгогодишно афирмирани музичари, како и значителна нематеријална штета, покренавме постапка за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда и надомест на штета поради нарушена чест и углед, со парично побарување од вкупно 6.200.000,00 денари.Најостро ги демантираме сите наводи искажани во споментите објави како неточни, клеветнички и со јасна интенција да се наштети на реномето на признатите музички работници Робертино Саздов и Јован Јованов.Јавноста треба да биде запознаена дека погореопишаните клеветнички наводи се изкажани од ниски побуди и од одмазничка природа, единствено поради фактот да песната на Зоран Ванев со која аплицирал за учество во познатиот фестивал МАКФЕСТ, била одбиена. Од наведените причини сосема основано се јавува прашањето: дали доколку песната на Зоран Ванев била примена, тој имал намера да учествува во фестивал раководен од лица за кои тврди дека се одговорни за создавање на “затворени кланови” и кои според него фестивалот МАКФЕСТ го претвориле во „евтина плејбек манифестација“? Со оглед на сите твредења на лицето Зоран Ванев се непоткрепени и без ниту еден доказ, како и имајќи ја предвид желбата на истиот да учествува во споменатиот фестивал, за кој приота самиот тврди дека е „евтина плејбек манифестација“ и дека “местата се однапред резервирани”, јасно се гледа неговата намера искористувајќи ја популарноста на својот профил и служејќи се со невистини да го наруши долгогодишното реноме на истакнатите музички уметници Јован Јованов и Робертино Саздов.
Со почит,ПОЛНОМОШНИК Адвокат Јанаки Митровски

Повеќе детали за овој правен спор и за следните чекори на инволвираните страни се очекуваат во текот на претстојната судска разврска…





