Фестивалот започнува во петок, 12-ти јули, со регионален саем на физички носачи на звук, каде љубителите на винилот ќе можат да разгледаат и набават изданија од излагачи од Ниш, Крушевац, Солун, Подгорица, Кочани, Скопје, Куманово, Белград, Софија и Приштина. Оваа ретка можност да се поврзат со колекционери и издавачи од целиот Балкан носи вистинска вредност за љубителите на аналогниот звук.
Од 20 часот до полноќ, сцената ќе ја преземат „Суперхикс“ и „Ареа“, два бенда што оставиле длабоки траги на домашната музичка сцена. Ќе се слуша сè – од енергичен ска и реге, до рок фузии со македонски мотиви, ветувајќи незаборавна ноќ под отворено небо.

Саботната програма продолжува со музика, но и со инспиративни содржини. На сцената ќе настапат локалниот бенд „Корка“, алтернативниот состав од Скопје „Мрша“, како и Мартин Џорлев со свој акустичен сет, создавајќи интимна атмосфера во градскиот парк. Во текот на денот, ќе се одржи работилница за тоа како да се направи интервју со омилен бенд, како и јавна дискусија на тема „Како да го изградиме урбаното Кочани“ – простор за идеи, иницијативи и дијалог со младите.
Вечерта ќе биде заокружена со диџеј сетови на Цека (Ниш), Павлос (Солун) и Бојан (Крушевац), кои ќе донесат звуци од техно, хаус и балкански грув.
„20 часа урбан здив“ е музички фестивал што промовира регионална поврзаност, урбана култура и слободно изразување. Со понуда што ги спојува генерациите, вкусовите и идеите, овој настан е одлична можност Кочани да се позиционира како важен културен пункт на источна Македонија.
Фото: Фејсбук/Ареа







