Охридското Езеро е прогласено за најубаво место во Европа во изборот на магазинот „Time Out“, оставајќи зад себе низа познати туристички дестинации од континентот, меѓу кои Сатурнија во Италија, Алберобело во регионот Пуља и норвешките фјордови.
Во годишниот избор на најубави европски локации, магазинот не се водел според популарноста на дестинациите, туку според личните препораки на својата мрежа од уредници и патописци, кои ги издвоиле местата што оставиле најсилен впечаток за време на нивните патувања низ Европа.
„Time Out“ го опишува Охридското Езеро како една од најпотценетите европски дестинации и како помирна и подостапна алтернатива на езерото Комо во Италија, кое е познато по луксузните вили, славните посетители и големиот број туристи. Според магазинот, Охрид нуди подеднакво впечатливи природни пејзажи, но без метежот и високите цени карактеристични за некои од најпознатите европски езерски центри.
Во образложението за првото место се наведува дека Охридското Езеро, кое се протега меѓу Северна Македонија и Албанија, е едно од најстарите и најдлабоките природни езера во Европа. Кристално чистата вода, планинските масиви што го опкружуваат и крајбрежјето со историски населби создаваат пејзаж што може да се мери со најпознатите европски езерски дестинации.

Посебно внимание авторите посветуваат на Охрид, кој го нарекуваат вистинска ѕвезда на македонската страна од езерото. Градот, според нив, плени со калдрмисаните улички, богатото културно наследство и бројните средновековни цркви. Во текстот се споменува и легендата дека некогаш во Охрид имало 365 цркви, по една за секој ден од годината.
Меѓу највпечатливите глетки е издвоена црквата „Свети Јован Канео“, сместена над езерскиот брег, од каде се отвора панорамски поглед кон сините води на Охридското Езеро. „Time Out“ оценува дека станува збор за навистина спектакуларна сцена и им препорачува на посетителите локацијата да ја посетат во раните утрински часови, кога владее мирна атмосфера и има помалку посетители.
Магазинот наведува дека туристите во Охрид можат да го поминат денот капејќи се во езерото и разгледувајќи археолошки локалитети, а вечерите да ги минуваат уживајќи во зајдисонцето зад околните планини. Сето тоа, според авторите, е достапно по значително попристапни цени во споредба со одмор на езерото Комо.
Во текстот е посочена и албанската страна на езерото, која нуди поинакво искуство со помирни села и природни предели. Посебно е издвоено селото Лин, познато по мозаичните остатоци и камповите покрај брегот.
На листата на десетте најубави места во Европа за 2026 година се најдоа и Почитељ во Босна и Херцеговина, Кралската ботаничка градина во Лондон, каналот Принсенграхт во Амстердам, долината Мозел во Германија и „Каса Батљо“ во Барселона, но првото место му припадна на Охридското Езеро како дестинација што нуди спој на природни убавини, културно наследство и автентично туристичко доживување.
фото:Курир.мк/Freepik







