Мегафон 20. јубилејно издание

На 16 јули Битола ќе стане центар на балканската етно-фјужн музика: Започнува „Локум фест 2026“

На 16 јули Битола ќе стане центар на балканската етно-фјужн музика: Започнува „Локум фест 2026“

Во магичниот амбиент на античката Хераклеја, на 16 јули со почеток во 21 часот, ќе започне 20. јубилејно издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“, фестивал кој веќе две децении успешно ги поврзува музичките традиции на Балканот со современите светски музички влијанија.

Честа да го отвори јубилејното издание ќе ја има реномираниот грчки ансамбл „Десетте бузуки на Домна“, кој ќе приреди несекојдневно музичко доживување со дури десет бузуки на сцена, придружени од гитара, контрабас, солисти и традиционални танчари. Публиката ќе има можност да ужива во богата програма инспирирана од автентичната грчка музичка традиција, претставена на модерен и впечатлив начин.

Во изминатите дваесет години „Локум фест“ прерасна во еден од најпрепознатливите фестивали од ваков вид. На неговите сцени настапија повеќе од 110 музички состави и домашни и странски етно ѕвезди, а фестивалот стана препознатлив по спојувањето на староградската музика, етно звукот и современите музички правци.

Покрај богатата музичка програма, фестивалот има значајна улога и во промоцијата на Битола како културна и туристичка дестинација. Како дел од програмата на „Бит Фест“, „Локум фест“ секое лето привлекува бројни посетители кои, покрај музиката, уживаат и во богатото културно наследство на градот.

Влезниците за свеченото отворање се достапни преку продажната мрежа на karti.com.mk, а ќе можат да се купат и на билетарата во Хераклеја на самиот ден на концертот.

To top