Мегафон на 25-ти декември

„Меморија“ го затвора кругот со досега невиден концертен времеплов: Мноштво музичари од сите постави на бендот ќе ротираат на сцената таму каде што се’ започна – МКЦ

„Меморија“ го затвора кругот со досега невиден концертен времеплов: Мноштво музичари од сите постави на бендот ќе ротираат на сцената таму каде што се’ започна – МКЦ

Легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ по досега најголемиот македонски концертен спектакл во арената „Борис Трајковски“ минатата година, на својата многуилјадна публика и подготвува ново концертно изненадување.

Само што овој пат само најбрзите што успеале да дојдат до влезница ќе можат да го проследат она што досега никој не го направил во историјата на македонската музичка сцена – да ги собере (речиси*) сите членови од сите досегашни постави на бендот на едно место, да ги качи на сцената и тие да ротираат во изведбата на безвременските хитови и евергрин балади на групата.

Токму со ваков своевиден и досега невиден концертен времеплов „Меморија“  ќе го затвори кругот и тоа на местото каде што се’ започна – МКЦ во Скопје.

Имено, групата во една снежна декемвриска ноќ пред повеќе од 40 години го имаше својот прв концертен настап токму на сцената на познатата „Дансинг сала“ на тогашниот „Дом на млади – 25 Мај“.

Токму во тоа име, во четврток, на 25-ти декември 2025 на истото место пред оние што најбргу ќе дојдат до влезници, зашто просторот е ограничен, музичката историја на „Меморија“  ќе се повтори. Само што овој пат на досега невиден начин, зашто на сцената на сегашниот МКЦ ќе се појават мноштво музичари од сите фази на бендот, кои ќе ротираат на бината таму каде што се’ започна и тоа во различни постави. Нешто што досега никој не го направил, особено не во толкав број на музичари кои биле членови на еден рок бенд и не на ваков начин.

Едноставно нема да се појават само оние кои за жал, повеќе не се меѓу нас, како првиот пејач на групата *Зоран Илиќ или не можат од оправдани и лични причини да бидат таа вечер дел од концертниот времеплов на „Меморија“.

Така, на сцената на МКЦ на концертот би требало да ги видиме: Петар Георгиевски-Камиказа на бас гитара, тапанарите Антонио Димитриевски и Мите Димовски, клавијатуристите Дејан Миноски, Нино Бошњаковски,  Александар Хаџипаунов, Давор Јордановски, гитаристите  Душан Трпковски-Ринго, Ристо Ицо Јовковски, Александар Стефановски – Јаблан, Игор Атанасовски – Гуру Харе, Пеце Димовски, Димитар Мичо Божиков, Рубин Димкоски, како и пејачите Александар Стефановски-Јаблан, Драган Василевски, Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев.

Некои од нив допатуваа од зЗападна Европа каде што последниве  децении живеат и работат.

Секако преку видео и фото спомени ќе биде испочитуван и ликот и гласот на првиот пејач на „Меморија“, прерано починатиот *Зоран Илиќ – Зоци.

Покрај познатите хитови и балади, ќе бидат ексклузивно изведени и некои од првите песни на групата, а и некои од подзаборавените нивни теми од најраниот период и самите почетоци на постоењето на „Меморија“ од почетокот на 80-ите години на минатиот век како: „Моја ли си“, „Жорж„, „Град“, „Пробај да ги затвориш очите“…!

Во рамките на овој предновогодишен концертен пакет по ПРЕСС конференцијата во понеделникот, на 22.12.2025 беше отворена и Изложбата на фотографии и артефакти насловена: „Од црно бело во боја“ – МеморијА 1983-2025.

Изложбата е отворена во галеријата на МКЦ  и ќе трае во наредните пет дена (од 22.12. 2025  до 27.12.2025 година), а влезот е слободен за сите заинтересирани посетители.

Фото: Архива/група Меморија

To top