Живот и стил

Интервју со д-р Елизабета Србиновска: „Немам време” не е оправдување за де не бидете хуман

Интервју со д-р Елизабета Србиновска: „Немам време” не е оправдување за де не бидете хуман

Зад вашето име стојат неколку различни титули поврзани со професијата. Јавноста Ве знае како доктор кардиолог, професор на Универзитетската клиника за кардиологија, како раководител на одделение за вродени и стекнати срцеви мани и воспалителни болести на срцето. Како наоѓате време и можност да ја изразите вашата хуманост како лајонист?

Набројавте само дел од моите професионални активности и ангажмани. Ги има многу повеќе, но и покрај тоа, кога е во прашање лајонизмот секогаш наоѓам време и тоа го правам со големо задоволство. Два пати месечно имаме средби со мојот клуб, кога се договараме за хуманите активности за наредниот период. Истите претставуваат и средби кога се дружиме, пиеме кафе и секогаш ќе се роди идеја за одредена наредна активност. Овие средби секогаш ми прават чувство на опуштеност и среќа, заморот е заборавен. Убаво е чувството кога се дружите со драги луѓе и уште помагате некому кому вашето дело ќе му донесе задоволство. Нашата активност е волонтерска. Се трудам да бидам рационална и корисна во сите области во кои сум вклучена, секако на сметка на моето слободно време и мојот сон. Наоѓам време и за моето семејство и за моите пријатели. Без нив секако не би успеала. Денот трае долго, но засега сите обврски на некој начин ми преставуваат задоволство и сакам да ги правам.

Ова значи дека секој човек може да биде хуман и дека „немам време“ не е оправдување да не бидете хуманист?

Апсолутна вистина! „Немам време” не е оправдување за де не бидете хуман. Конкретна хумана активност може да ја направите одделувајќи време од вашето слободно време, излегувајќи од зоната на комфорот. Притоа задоволството и радоста што ќе ги почувствувате од личноста /личностите за кои тоа сте го сториле ќе ја оправдаат секоја потрошена минута од вашето слободно време. Добиената насмевка ќе ви го згрее срцето.  И кога сум најуморна, се приклучувам на хуманитарната активност која сме ја планирале со мојот клуб – Лајонс клуб Скопје Светлина.

На кој начин ја изразувате вашата хуманост како лајон, кои се можностите и како доаѓате до вистинските личности на кои им е потребна вашата поддршка?

Работејќи ја мојата професија како доктор, постојано правам одредено хумано дело. Но, како Лајон сакам да го правам тоа со членовите на мојот клуб, кои ги чувствувам како мое семејство. Секој од нас се вклучува во одредена активност со она што го знае и може најмногу. Идеите за хумани активности потекнуваат од нашите членови, од информациите кои некој ќе ги добие за потребна помош, од различна природа. Може да се работи за помош во куќа, здравствена помош на одредена група личности со посебни потреби, поддршка, подигнување на свесноста за одредени состојби и многу други активности од различна природа.

Во што е суштината на делувањето како хуманист во одреден клуб, иако човек може да биде хуманист на индивидуално ниво и да дава придонес таму каде што е потребно?

Ми се допаѓа чувството на припадност на една организација како Lions Clubs International,  која се грижи за помалку моќните, за оние кои на многумина, но и на одредени богати општества, претставуваат товар. Жолтите елеци кои се наше обележје, ме прават горда како дел од најголемата хуманитарна организација во светот. Препознатливоста може да потикне да се вклучат нови членови што би значело повеќе помош за оние на кои им е потребна – „повеќе членови – повеќе сервис”. Сервис значи помош на јазикот на оваа волонтерска хуманитарна организација. Од друга страна, ширењето и зацврстувањето на пријателството кое се создава во тек на реализирање на активностите уште повеќе ми дава сила да најдам време и да останам во групата. Ми се допаѓа како е поставен лајонизмот како организација од интернационален карактер, го сакам и затоа и покрај мојот целосен ангажман, наоѓам време за мојот придонес.

Може ли да издвоите одредена хумана активност која ви оставила најголем впечаток и зошто?

Секоја хуманитарна активност има своја прикаска, задоволство и обострана среќа, на оние кои ја прават и  на оние за кои е направена. Треба да се доживее за тоа чувство да стане јасно.  Можеби би споменала една активност која мојот клуб ја правеше многу одамна, уште во моите почетоци во лајонизмот, а беше поврзана со мојата професија – подигнување на свесноста за женското здравје поврзано со кардиоваскуларните болести. Тоа беше проектот „Жената и кардиоваскуларните заболувања”, наменет за здравата полулација, кој ги опфаќаше сите поголеми градови во Македонија. Направивме брошури за ризик факторите на кардиоваскуларните заболувања со посебен осврт на особеностите на женската популација и манифестацијата на коронарната болест кај жените со своите специфични карактеристики на јавување. Брошурата ја делевме на групите здрави жени со кои работевме во градовите, на кои им држев предавање на истата тема, за препознавање и осознавање на присутните ризик фактори, им одредувавме холестерол, триглицериди и шеќер во крвта и делевме совети. Проектот беше поддржан од сите членови на мојот клуб Скопје-Светлина и од локалните клубови во градовите, кои обезбедуваа простор и слушатели. Не може да не го споменам нашето збратимување со Лајонс клубот Цеље Мозаик од Словенија, направено во 2010 година и кое трае до денес. Секоја година се дружиме во Македонија или Словенија, разменуваме идеи за активности, правиме и заеднички хумани акции и шириме позитивна енергија. Значајно случување за одржување на нашата хумана мисија.

Како да ги мотивираме младите луѓе да ја изразуваат својата хуманост низ вакви типови организации или како да ги препознаеме доколку тие сакаат да учествуваат во разни активности на клубовите?

Навистина добро и многу важно прашање. Надежта на сите нас е во младата популација која треба да донесе свежина, нови идеи и моќ во реализација на хуманитерните активности во новото, сегашното време. Секое време носи нови актуелни потреби и затоа е многу важно нашите клубови постојано да се подмладуваат, а младите луѓе да се оспособат да бидат идни лидери во својата заедница. Мора да работиме на подигнување на свесноста на младите за несебична помош и залагање за луѓето на кои им е потребно. Грижата за другите, за заедницата, мора да почне уште многу рано во детството, тоа секако ќе донесе успех. Многу земји тоа го направиле така што младите луѓе не можат да запишат семестар во училиштата, средните школи и факултети, доколку не докажат дека направиле корисна општествена активност, хумано дело. Сега се повеќе сме сведоци и на компаниите кои прават општествено корисна активност како дел од програмите кои треба да ги спроведат. Со оглед на важната мисија на лајонозмот, нашето мото „служиме“ значи дека служиме на оние на кои им е потребно, на заедницата, на оние кои се помалку моќни. Секое привлекување и придобивање ново членство, особено млади луѓе, е од голема важност.

To top