Во саботата, на 3 октомври, Дуа Липа ѝ се придружи на Шакира на сцената во Мадрид и заедно ја изведоа легендарната „Antología“, за време на осмиот концерт од мадридската резиденција на турнејата „Las Mujeres Ya No Lloran World Tour“. Шакира подоцна на Инстаграм го опиша моментот како „сон што стана реалност“.
Концертот се одржа во Macondo Park, во рамките на комплексот Iberdrola Music, пред повеќе од 50.000 посетители, а настапот беше пренесуван и преку Amazon. Во текот на вечерта Шакира изведе хитови од различни периоди од својата кариера, меѓу кои „La Fuerte“ со Bizarrap, „Girl Like Me“, „Las de la Intuición“, „Estoy Aquí“ и „Inevitable“.

Но, најголемото изненадување пристигна по повеќе од еден час од концертот.
Пред да ја повика Дуа Липа на сцената, Шакира ѝ се обрати на публиката со емотивни зборови.
„За мене е чест и вистински луксуз оваа песна, која толку многу ми значи, да ја отпеам со жена која е толку почитувана и сакана во целиот свет. А јас денес и официјално се прогласувам за нејзин фан. Со вас – Дуа Липа!“, рече Шакира.
Дуа се појави на сцената во црн светкав фустан, додека Шакира беше облечена во црвен сценски костим. Двете се прегрнаа, разменија комплименти, а потоа седнаа една покрај друга и започнаа со акустичната изведба на „Antología“.
Публиката веднаш им се придружи, претворајќи го дуетот во огромен хор од десетици илјади гласови.
Особено внимание привлече Дуа Липа, која песната ја испеа на шпански, а нејзиниот изговор и интерпретација предизвикаа воодушевување меѓу публиката.
Приказната започна уште во Богота
Средбата на сцената не беше случајна. Во ноември 2025 година, за време на својата турнеја „Radical Optimism“, Дуа Липа ја изведе „Antología“ на концерт во Богота како почит кон Шакира.

Колумбиската ѕвезда тогаш јавно ѝ се заблагодари на социјалните мрежи, а сега, помалку од една година подоцна, двете конечно ја отпеаја песната заедно во живо.
„Antología“ е една од најпознатите балади од албумот „Pies Descalzos“ од 1995 година и песна која речиси три децении има посебно место кај обожавателите на Шакира.
Мадрид стана центар на светот на Шакира
Мадридската резиденција на Шакира се претвори во многу повеќе од серија концерти. За проектот беше создаден Macondo Park – огромен простор посветен на нејзината музика, кариера и латиноамериканските корени, со дополнителни содржини и активности за посетителите.
Првично беше планирано концертите да завршат на 11 октомври, но по огромниот интерес беше додаден уште еден, последен настап на 12 октомври, со што мадридската резиденција се прошири на вкупно 13 концерти.

А настапот со Дуа Липа веќе се издвои како еден од моментите што најдолго ќе се паметат.
Две од најголемите поп-ѕвезди на денешницата, две генерации и една песна која речиси 30 години не престанува да се пее – „Antología“.






