Лице в лице

Арчи во „Ништо лично“: „Мајка ми ми рече, заврши економија, па потоа ако сакаш и WC-a чисти… и завршив!“ (ВИДЕО)

Арчи во „Ништо лично“: „Мајка ми ми рече, заврши економија, па потоа ако сакаш и WC-a чисти… и завршив!“ (ВИДЕО)

Повозрасната публика го препознава во мегахитот “Од желба изгорен (Да пукнеш леле што ми направи)“ кој во почетокот на 90-ите царуваше на сите радиостаници и топ листи, а ги собра и сите награди на разни манифестации како што беа „12 Величествени“.

Подоцна се редеа и другите негови хитови како „Небо кажи“, „За љубов лажеме“, „Верувам не верувам“,  „Тајванска белја“… но ниту една песна не ја достигна славата на првоспоменатата, која стана и остана вечен евергрин во македонската поп рок историја.

Но, публиката од неговата генерација сепак го памети уште отпорано, кога беше пејач на многу популарната диско-фанки група од крајот на 70-ите и почетокот на 80-ите, „Тост сендвич“, во која членуваа Роберт Саздов (гитара), Владо Јаневски (тапани), однеодамна покојниот Агим Јонуз (конги), Петар Атанасов (бас)… „Пред Ванила“ (тогашното своевидно корзо, т.е. собиралиште на младите во Скопје) и „Љубовна игра“ беа нивните хит песни кои беа многу вртени на тогашното Радио Скопје.

Подоцна тој тргнува во соло водите и на музиката и останува верен до ден денешен, иако авторски последниве децении не е многу активен.

По едукација е дипломиран економист, кој никогаш не работел во професијата. По војната на територијата на бившите ЈУ простори се сели да живее во Дубровник, каде се занимава со угостителство издавајќи свои апартмани, но не престанува и да настапува како репродуктивен музичар по кафулињата и локалите на дубровничкиот страдун.

Зад себе има два брака и три деца од кој неговиот најмал син ќе го добие на 60-годишна возраст, додека првиот син, Горјан,  студираше на Факултет за Драмски уметности, а изминатите години неколку сезони беше дел од хумористичното шоу „Фчерашни новости“.

Помеѓу две посети на родното Скопје, две доаѓања од Дубровник и Хрватска во Македонија, успеавме да го доведеме на гости. За потеклото на името и прекарот, за неговата музичка кариера, безвременскиот хит, музиката на македонската естрадна сцена во 80-ите и 90-ите и денес, за Роберт Саздов, Владо Јаневски, Агим Јонуз, Џаро…

За неговиот живот и работа во еден од најубавите градови на светот, јадранскиот бисер Дубровник, за Здравко Чолиќ и поврзаноста во потеклото на нивните две семејства, за разликите помеѓу Хрватска и Македонија, за браковите и разводите, за трите деца и нивните сегашни и идни кариери…

И за уште многу  други подзаборавени работи, помалку познати или сосема непознати нешта, на муабет во интер ток шоуто „Ништо лично“ кај Антонио Димитриевски ексклузивно доаѓа некогаш многу познатиот македонски пејач Златимир Аревски кого сите го познаваат како Арчи.

Премиерата на поткастот, односно интер ток шоуто „НИШТО ЛИЧНО“ оди секоја среда,  од 20.00 часот,  ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (но на истиот линк можете да го погледнете како најновото, така и сите претходни изданија во секое време, 24/7 и тоа 365 дена во годината.

To top