Кристина Арнаудова последниве години се помалку ја има на естрадната сцена, иако несомнено таа припаѓа на онаа генерација пејачки кои реално имаат и вокални квалитети и мноштво добри песни и хитови. Последното нешто што од неа можевме да го слушнеме и видиме беше темата „Засекогаш“ од чие излегување поминаа повеќе од три години.

Во меѓувреме, а и пред тоа, Арнаудова се занимаваше со хуманитарна работа преку својот „Проект среќа“ каде им помагаше на ранливите категории во разлилчни сегменти: Од материјална помош во вид на храна, облека, средства за хигиена, новогодишни пакетчиња за дечињата, преку овозможување образование на деца во социјален ризик, па се’ до реновирање на нивните руинирани живеалишта.

Пејачката не е премногу активна на социјалните мрежи, но сега една нејзина објава предизвика лавина реакции откако на приказните на својот Инстаграм профил, таа жестоко нападна дел од водителите на поткасти, обвинувајќи ги за непрофесионалност, неписменост и злоупотреба на јавните личности за сопствена себепромоција.
Според Арнаудова, денес секој поседува мобилен со камера, па си дава за право да се претставува како медиум, без притоа да има основно новинарско знаење, култура на комуникација или професионален пристап.

„Пошто сега секој што има камера може да биде медиум, времето на неписмени мочковци е почнато. Сите што не можеле да станат било што, сега имаат поткаст“, напиша таа во својата објава.
Пејачката смета дека голем дел од подкастерите ги покануваат познатите личности единствено за да соберат прегледи и следбеници, без да размислуваат за последиците од своите непристојни прашања и навредливи содржини.

„Им се качат како пијавици и пробуваат со бедни и неписмени прашања да создадат популарност, неважно дека ќе те деградираат, ги заболе за вас“ – им порача на колегите и воопшто јавните личности Арнаудова.
На удар не останаа само водителите, туку и самите јавни личности кои доброволно прифаќаат да бидат дел од ваквите формати. Таа смета дека токму тие им овозможуваат на ваквите дилетанти да градат кариера и билдаат публика на нивна сметка.

„Будали сте вие што им гостувате и дозволувате на тие мочковци да прават содржина искористувајќи ве вас“ – споделила пејачката, нагласувајќи дека сепак постојат и исклучоци, но дека тие се ретки.
Со оваа објава Арнаудова откри и зошто со години одбива да биде гостинка во подкасти и слични формати.
„И тоа е одговорот зошто никогаш нема да гостувам нигде, како и досега. Башка што празни муабети се за празни глави“, заклучи пејачката во својата директна, брутална и безкомпромисна порака.

Дека не е далеку од вистината е повеќе од јасно… Само што во целата приказна стои и една друга работа. Кога се работи за гостувањето во поткасти, сепак изборот не е едностран. За да одбиеш гостување, најпрвин треба и да те поканат да гостуваш?!

Фото: Инстаграм/kristina_arnaudova





