Живот и стил

Рецепт за домати полнети со зеленчук и кускус

Рецепт за домати полнети со зеленчук и кускус

Лесни, сочни и вкусни…

Состојки:

8 големи домати
1 праз
150 грама шампињони
200 грама брокула
2 чешниња лук
3 свежи листови босилек
100 грама кускус
150 мл вода
1 лажица масло и малку путер (за кускусот)
сол, бибер, сув зеленчук
3 лажици пармезан

Подготовка:

Измијте ги доматите, исечете им ги врвовите (капачињата) и издлабете ја внатрешноста. Исцедете ја издлабената средина, исецкајте ја и оставете ја настрана. Брокулата искинете ја на мали цветчиња и кратко обарете ја во зовриена солена вода. Исплакнете ги со ладна вода, исцедете ги, а потоа исецкајте ја на ситни коцки. Пресечете го празот по должина и исецкајте го на тенки парчиња. Исчистете ги печурките и исецкајте ги. Прво пропржете го празот на малку маслиново масло, потоа додадете ги печурките, посолете и пржете додека малку не омекнат. Додадете ги брокулите и ситно сецканиот лук; пржете кратко, додавајќи малку вода доколку е потребно. На крајот, додадете ја средината на доматите, босилекот и зачините. Пржете додека не испари целата течност.

За да го подготвите кускусот, зовријте вода во тенџере со една лажица масло и малку сол. Тргнете го тенџерето од оган и додадете го кускусот со постојано мешање. Покријте го и оставете го да отстои 4–5 минути за да набабри, а потоа додадете мало парче путер и добро измешајте. Подготвениот кускус измешајте го со зеленчукот. Додадете го пармезанот и добро измешајте за да добиете хомогена смеса. Наполнете ги доматите до врвот со подготвената смеса и ставете го капачето од доматот, а потоа наредете ги во подмачкан плех за печење. Покријте ги доматите со алуминиумска фолија и печете на 190–200°C околу 15 минути, потоа извадете ја фолијата и печете уште 5 минути. Послужете ги полнетите домати како главно јадење со сезонска салата или како топло предјадење.

Пријатно јадење!

фото:Magnific

To top