Промотер

Тони Шоу ја врати Јулија на естрадата со нумера што зборува за љубовта која опстојува и покрај сите животни предизвици и разделби – „До крај со тебе“ (ВИДЕО)

Тони Шоу ја врати Јулија на естрадата со нумера што зборува за љубовта која опстојува и покрај сите животни предизвици и разделби – „До крај со тебе“ (ВИДЕО)

По подолг период надвор од музичките води, пејачката и телевизиска водителка Јулија Мациевска повторно им се враќа на слушателите со нов музички проект. Станува збор за дует песната „До крај со тебе“, која ја сними заедно со музичарот, пејач и автор Тони Шоу.

Новата композиција носи романтична приказна и ведар музички сензибилитет, а уште по првото слушање освојува со својата мелодичност и емоционална искреност. Музиката и текстот се дело на Тони Шоу, додека свој авторски придонес дала и Јулија, која инспирирана од песната ги напишала стиховите за втората строфа.

Аранжманот и продукцијата се реализирани во соработка со Драган Ристовски во студиото ДРД Медиа, каде песната го добила својот конечен облик.

Интересно е што приказната за оваа музичка соработка започнала пред две години, кога Тони Шоу бил гостин во емисијата „Будење со Јулија“ на ТВ Сонце. Тогаш тој ѝ предложил да сними песна која ќе ја мотивира и по големата трагедија со загубата на ќерката, повторно активно да се посвети на музиката.

 

„Јулија, ти си идол на многу генерации и имаш уште многу што да ѝ понудиш на македонската музичка сцена“, биле зборовите што, според Мациевска, оставиле силен впечаток и ја поттикнале повторно да размислува за музичко враќање.

Кога го слушнала првото демо, таа веднаш ја препознала емоцијата и потенцијалот на песната. Наместо да биде само изведувач, активно се вклучила во креативниот процес, оставајќи и сопствен авторски печат. Резултатот е нумера што зборува за љубовта која опстојува и покрај сите животни предизвици, разделби и далечини.

Покрај аудио изданието, „До крај со тебе“ доби и видеоспот кој дополнително ја доловува романтичната атмосфера на композицијата. Снимен на повеќе локации со камера и дрон, спотот раскажува љубовна приказна за две личности кои по повторната средба ја продолжуваат својата заедничка патека.

За режијата, снимањето и монтажата повторно беше задолжен Тони Шоу преку својата продукција Tony Show MK Music Production.

Особено симболично е што песната  се совпаднала со еден важен животен чекор на Тони Шоу. Имено, по преселбата со своето семејство во американската држава Мичиген, видеоспотот за „До крај со тебе“ станува негов музички поздрав и подарок за Јулија, оставајќи ѝ ја можноста песната самостојно да го продолжи својот пат кон публиката.

To top