Се сеќавате ли на моментот кога на последниот голем концерт на групата „Меморија“ во арената Борис Трајковски, кога бура од емоции и аплаузи предизвика тогаш последната нова песна на бендот „За добро да е“, во која заедно со групата на сцената се појави да пее момчето во инвалидска количка, прилепчанецот Филип Николоски кој и покрај хендикепот многу ја сака музиката, свири на синтисајзер, пее и настапува. Беше тоа уште еден доказ дека сите колку да и да сме различни, сепак имаме иста душа…!

Една ипол година подоцна, еве го Филип повторно во естрадната јавност со соема нова, овој пат само негова песна. И повторно емотивна, а сепак весела тема која одново го слави животот и убавите мигови во него.

Песна за радоста, дружбата со другарите и пријателите, за душата боемска која и покрај сите маки, сета тешкотија која повеќе или помалку ни надвиснала, секогаш наоѓа убав повод и знае како да се радува.

Или како што велат и самите стихови во песната „Срце ми е како ракија“: „Нема лоша судбина, ако песната другар ти е… не ми треба жал и солза за оваа душа боемска…“! Стихови кои однови ги напишал самиот Филип заедно со авторот на музиката, гитаристот на „Меморија“ – Рубин Димкоски, кој го потпишува и аранжманот, миксот и мастерингот, а во неговото „Р Мјузик Студио“ песната и е реализирана.

И музички и тематски и оваа песна е некакво логично продолжение на претходната, во стил на она што некогаш го работеа Дуле и Коки, сега Александар и Дац… и еве Рубин и Филип! Боемски звук во ска ритам со балканско – кафеански шмек… Интересна мешавина во која царува емоцијата!

На песната се надоврзува и интересно видео кое и визуелно ги поврзува претходната со оваа тема, со типична балканско – кафеанска атмосфера и визура која најдобро ја отсликува душата на овие народи и тоа онаа душа на која не и требаат скапи поводи и посебни пригоди, за да се дружи и развесели.

Во него се појавуваат и мноштво познати музичари, но и други познати ликови од естрадниот и спортскиот живот на Македонија.

Видеото го потпшува видео продукцијаа „Фан Продукција“ под реисерската палка на Зоран Пиловски, кој со мал буџет завршил голема работа.

Со надеж дека од Филип Николоски и останатите од споменатиот тим можеме да очекуваме и следни изданија на приказната која продолжува, во продолжение проследете ја „Срце ми е како ракија“…






