Роден е на 11 Октомври, Денот на македонското народно востание против фашизмот како Ѓорѓе Васиќ. Но, освен во документите за лична идентификација и во официјалната комуникација, веројатно никој не го знае под тоа име освен најблиските… А и тие сигурно многу повеќе го ословуваат по неговиот специфичен прекар, кој ќе му ја обележи кариерата и одбележи животот.

Зад себе оставил мноштво композиции, стихови и една антологиска песна…
Хитот, кој ќе прерасне во вечен евергрин, песната за сите времиња и генерации ќе му ја одбележи кариерата и зацементира славата. „Брзата балада“ за потрагата по љубовта на еден од најголемите христијански празници, воскресението Христово, песната позната како „На Велигден“.

Добитник е на повеќе музички награди на најзначајните музички манифестации како „12 Величествени“, „Златна бубамара“, „Македонскиот радиски фестивал МАРС“…

За себе и своето детство, за необичниот прекар,за почетоците во музиката и музичката кариера низ годините, за акустичарската сцена и денешната технологија во музиката, за македонската естрада и култниот Дом на млади – денешен МКЦ, за разликата помеѓу неговата и овие новиве генерации…

За „На Велигден“ и нејзините подоцнежни и поинакви верзии, за фестивалите, политиката, ТВ водителството и новинарството, за гордоста на семејството… И за уште сто и една работа за која малку или воопшто не се знае, од прва рака како поткаст гостин во интер ток шоуто „Ништо лично“ кај Антонио Димитриевски, зборува, кажува и раскажува македонскиот кантавтор Џина Папас Џокси.

Меѓу останатото раскажа и една анегдота кога како млад пејач – почетник два пати бил одбиен на аудиција во тогашното Радио Скопје и тоа од покојниот Благоја Чешларов и Славе Димитров кои биле музички продуценти во студијата на музичко-касетната продукција, па решил да му чукне на врата на Александар Џамбазов, за да добие некој совет за пеење.

„Уште пред да тргнам со другар ми кај чичко Ацо дома, ме предупредија дека има еден син, така малку откачен, немој да се изнанадиш ако ни упадне однекаде. Ѕвонима ние на ѕвончето, се отвора вратата и некој се појавува, ама не гледа одозгора, над неа и вика, ајде влезете… Влегуваме ние внатре, кога што да видиме. Овој (Игор) да ти земал тоа лентата на која биле снимени сите композиции за тогашниот Скопски фестивал, да ти ја растурил и го украсил со ленти станот пред Нова Година… Тогаш беше во онаа фаза кога се снимаше ‘Волшебното самарче’!“

Оваа случка слушнете ја на 21:15 од поткастот, а целото гостување на Џина Папас Џокси во „Ништо лично“ погледнете го подолу во продолжение. Премиерата на интер ток шоуто оди секоја среда навечер, со почеток во 20.00 часот, ексклузивно само на YouTube каналот на КурирМК (каде 24/7 и тоа 365 дена во годината можете да го погледнете како најновото неделно издание, така и сите претходни досега емитувани епизоди на „Ништо лично“.






