Градоначалникот на „Ѓорче Петров“, Александар Стојкоски, имаше средба со публицистот и издавач Тоше Филиповски кој живее во оваа скопска населба и голем поборник за рок-културата. По повод излгувањето на трите компилациски плочи кои симболички се поврзани со наслебата, Стојкоски на Фејсбук напиша:

„Со објавувањето на двете компилациски плочи This Is Gjorce Petrov, Not Skopje! и новата, Welcome to Џорче Петров,, се заокружува еден исклучително важен културен чин – систематско документирање на музичкото минато на една скопска општина (Ѓорче Петров), преку оригинални снимки создадени од нејзините жители, бендови и локални сцени.
Првата компилација беше објавена минатата година, а втората – оваа година, со што Ѓорче Петров стана првата општина во Македонија која има две официјални компилациски плочи посветени исклучиво на сопственото музичко наследство.
На нив се застапени околу 25 бендови, чии снимки претставуваат автентичен звучен документ за едно време, една средина и една урбана културна енергија.
Овие дела благодарение на неуморниот Тошо Филиповски, човек кој најдобро ја познава алтернативната сцена, ќе останат како траен белег и вредност за идните генерации.
Овие изданија не се само музички компилации, туку архивски сведоштва – материјален доказ дека и локалните заедници создаваат култура со континуитет, идентитет и препознатлив израз.
Во време кога музичката историја често останува расцепкана по лични архиви и сеќавања, ваквите плочи ја преземаат улогата на колективна меморија, зачувана на носач на звук.
Проектот има и јасна иднина. Приказната не завршува тука – планирано е продолжување, со следен дел што ќе го опфати периодот 2000–2010 година, со што ќе се заокружи уште едно значајно поглавје од урбаната музичка историја на Ѓорче Петров.
На овој начин, музиката станува повеќе од звук – таа станува културен документ, а општината (Ѓорче Петров) станува пример за тоа – како локалната историја може да се зачува, раскаже и пренесе на идните генерации“.
Фото: Фејсбук/Александар Стојкоски







