Мегафон концерт

Рамбо Амадеус се враќа во Скопје со „Трибјут на самиот себе“

Рамбо Амадеус се враќа во Скопје со „Трибјут на самиот себе“

Во време кога сцената е преплавена со трибјут бендови, кавери и носталгични репризи, Рамбо Амадеус повторно оди чекор подалеку – и повторно сам. На 14-ти март, култниот црногорски музичар, поет, сатиричар и хроничар на балканската апсурдност се враќа во Скопје со самостоен концерт во „Јавна соба“, симболично насловен „Трибјут на самиот себе“.

Антоније Пушиќ, на јавноста познат како Рамбо Амадеус, повеќе од четири децении успешно ги руши границите меѓу музиката, хуморот, филозофијата и социјалната критика. Неговиот стил е тешко да се смести во жанр – затоа и самиот одамна го крсти како „турбо-фолк интелектуалец“, иако сè што прави е сè освен површно.

Неговите концерти не се само музички настани, туку жива интеракција со публиката, полна со иронија, интелигентни забелешки, импровизации и неизбежни „удари под појас“ кон современото општество, медиумите и колективните заблуди. Секој настап е различен, непредвидлив и – типично рамбовски – искрен до болка.

Од „Јавна соба“ информираат дека билетите се во строго ограничен број, што и не изненадува со оглед на култниот статус што Рамбо Амадеус го има меѓу домашната публика. Ако сакате концерт што ќе ве насмее, ќе ве замисли и ќе ве натера да си поставите неколку незгодни прашања – 14 март е датумот што не треба да го пропуштите.

To top