По синоќешното отворање со претставата „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, во рамките на „Деновите на претстави од независна продукција“ од вечерва до сабота на сцените „Ристо Стефановски“ и на малата сцена во Драмски театар – Скопје ќе се играат уште и претставите „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје.
Вечерва четврток, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Delirium tremens“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. Режисер на претставата е Игор Трпчески, а автор е Благоја Ристески-Платнар. Сцената и костимите се изработени од Бојана Артиновска. Улогите ги играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски. Тон и светло: Томе Темелкоски.
Претстава е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално-етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.
В петок ќе биде изведена претставата „Кротка“, работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов и режисерката Микица Илова и актерот Сашко Орешков.
Режисерката Микица Илова појаснува дека монодрамата „Кротка“ е драмска адаптација на истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, која се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга — млада, тивка и кротка девојка.
„Деновите на претстави од независната продукција“ на 17 јануари ќе ги заокружи продукцијата „Златен Елец“ од Скопје со претставата „Сина сенка“. Режисер на претставата е Тамара Стојаноска. Текстот е на авторот Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик го направи Сашо Огненовски. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани ги изработи Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.
Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
Од Драмски театар информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена се пуштени во продажба по цена од 500 денари и може да се набават на www.karti.com.mk и на билетарницата на театарот.







