Промотер

 Лени Партикова со видеоспот за моќната патриотска тема – „Горда сум Македонка“, како ода на на нашата национална душа (ВИДЕО)

 Лени Партикова со видеоспот за моќната патриотска тема – „Горда сум Македонка“, како ода на на нашата национална душа (ВИДЕО)

Деновиве македонската фолк пејачка Лени Партикова го промовираше својот најнов видеоспот за песната „Горда сум Македонка“, која воедно е и насловна нумера на нејзиниот претстоен шести студиски албум. Албумот со 15 композиции и претставува вистинска прослава на македонскиот корен, традиција и духовност, создаден како ода на сето она што ја обликува нашата национална душа.

Новата песна е резултат на голема емоција, посветеност и лична инспирација. Музиката и аранжманот ги потпишува студиото „Анастасија“ на Љупчо Павловски, додека текстот е дело на самата Лени. Во нумерата учествуваат и врвни инструменталисти, меѓу кои се издвојува маестралниот Џељо Дестановски, кој со звуците на зурлата на песната ѝ внесува автентичен македонски дух и препознатлива емоција.

Песната премиерно беше изведена на „Лешочкиот фолк фест 2025“, каде на сцената настапија Играорците од КУД „Шара“, придружени од Бобан Илијевски (зурла), Перица Симоновски и Жарко Ѓорѓески (тапани) – сопругот и долгогодишен музички соработник на Лени.

Видеоспотот за „Горда сум Македонка“, во продукција на Арт Студио продукција и под режисерската палка на Дејан Ѓеорѓиев, претставува вистински визуелен бисер. Снимен е на автентични локации во селото Стенче, во подножјето на планината Сува Гора – регион чии калдрми, камени куќи и чардаци ја носат вековната приказна на Полошкиот крај.

Лени упатува голема благодарност до Војо Михајловски, кој го отвори својот традиционален дом – куќа-музеј во стар македонски стил – како и до фамилијата Гроздановски, кои обезбедија оригинална носија од Горни Полог што дополнително ја збогати визуелната автентичност на спотот.

Секој детал таму зборува за нашата историја. Сакав да покажам дека македонската убавина не е само во песната, туку и во природата, во народната носија, во секој камен и секој орнамент“, изјави Лени за Балкан Мјузик ТВ.

To top