Живот и стил

Човештвото станува сѐ постресирано и потревожно, покажува глобална анкета на Галуп

Човештвото станува сѐ постресирано и потревожно, покажува глобална анкета на Галуп

Тревожноста, стресот и гневот кај луѓето се зголемиле во светски рамки во последниве десет години. Четири од десет луѓе велат дека почувствувале силна тревожност или стрес претходниот ден, покажува глобалното истражување на јавното мислење „Состојбата на емоционалното здравје во светот во 2025 година“, извршено од институтот Галуп. Биле анкетирани луѓе на возраст над 15 години од 144 земји и региони.

Во 2024 година, 39 отсто од возрасните анкетирани доживеале голема тревожност претходниот ден, додека 37 отсто зборувале за стрес. Во оваа бројка се и луѓето од региони погодени од конфликти.

Иако просечните нивоа на тревожност биле благо намалени во 2024 година, враќајќи се на нивоата пред пандемијата, сепак се 5 процентни поени повисоки отколку во 2014 година.

Физичката болка (32%) забележува пораст за два процентни поена во однос на претходната година. Тагата (26%) и гневот (22%) не забележуваат промена во однос на минатата година. Сепак, сите вредности за негативните чувства се повисоки отколу пред една деценија.

На светско ниво, сведоштвата за тага, тревожност и физички болка се побројни кај жените.

Истражувањето ќе биде претставено на Светскиот здравствен форум во Берлин, којшто собира илјадници политичари, економисти, претставници на бизнисот и на државните администрации, со цел подобрување на општата благосостојба.

„И покрај тоа што глобалниот раст на незадоволството во последната деценија е добро документирана, многу лидери тоа го пренебрегнуваат, бидејќи се потпираат на економските показатели, а не емоционалното здравје“, сметаат авторите на извештајот.

Според нив, овој пропуст е суштински, оти негативните емоции, оти негативните емоции го ограничуваат вниманието на луѓето и ја намалуваат нивната издржливост, и исто така може да ги направат општествата поранливи за нестабилност.

извор:нетпрес
фото:Freepik

To top