Охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски и браќата Тавитјан снимија заедничка инструментална фјужн нумера со наслов „Entangled in Spacetime”. Музиката ја напиша Пејчиноски, аранжманот е на Диран Тавитјан, а браќата Тавитјан се продуценти.

„Инаку соработката со Дамјан почна спонтано, најмногу поради компатибилните музички афинитети кон фјужн и џез рок, со кои сме растеле и сме се развивале. Посветеното усовршување и неуморното вежбање на инструментот и музичкиот вкус се заедничките спојки кои ги вкрстија нашите патишта. Првата соработка беше на наша покана, со гостувањето на нашиот концерт во Универзална сала во 2008, кога Дамјан отсвире моја авторска песна. Истиот концерт ја доби наградата за џез концерт на годината. Набргу потоа, Диран ја продуцираше композицијата со која тој настапи на интернационалниот натпревар ‘Гитар идол’ во Лондон. Следуваа повеќе соработки на кои го поканивме Дамјан, вклучувајки го и проектот ‘Македонското срце чука во 7/8’, каде сними гитари на песните во изведба на Жељко Јоксимовиќ и Мики Јовановски-Џафер. Во меѓувреме тој настапи со нас и со Балканскиот гитар идол и лидер на легендарните Дивље јагоде – Г-дин Зеле Липовача, како и на други соработки и настапи. И еве, ова е нова прилика т.е. дел од нашето музичко дружење во кое се надеваме ќе уживате. Композиција со која Дамјан ке филмува солистичко видео за неговите глобално реномирани партнери Strandberg Guitars“-вели Гаро Тавитјан.

Спотот за песната е во режија на Даниел Јовески.

„Со гордост ви го претставувам мојот најнов оригинален сингл – „Заплеткани во простор-времето“, во кој учествуваат извонредните браќа Тавитјан. Тоа е музичко дело родено од страст и љубов и се надевам дека ќе резонира со вас“ – споделил извонредниот гитарист на својот Фејсбук профил, промовирајќи ја нумерата која можете да ја проследите во продолжение…







