Два познати битолски музички бенда, една заедничка љубовна приказна и прашање што секој барем еднаш посакал да го постави – „Ме сакаш ли?“ „Code 369“ и „Паркети“ ја претставија македонската верзија на истоимената песна, за која премиерно пристигна и официјалниот видеоспот.

Откако претходно ја објавија на српски јазик, сега композицијата добива нов живот на македонски, а со тоа и можност уште посилно да допре до домашната публика. Станува збор за емотивна љубовна рок-приказна, во која се испреплетуваат копнежот по саканата личност, потрагата по љубовта и онаа добро позната неизвесност – дали чувствата се возвратени или сè е само желба?

Токму прашањето „Кажи ми, кажи, ме сакаш ли?“ е срцето на песната, чиј мелодичен рок-звук добива дополнителна енергија преку заедничката изведба на двата битолски состави.

Музиката е дело на Сашо Паркет, текстот го потпишува Ирена Димовска, додека аранжманот е заедничка работа на „Code 369“ и „Паркети“. За снимањето, миксот и продукцијата се погрижи Даниел Митревски во студиото „Ателје“, а мастерингот го реализираше Славко Ристески во „Просаунд продукција“.

Приказната доби и своја визуелна форма. Официјалниот видеоспот е во продукција на Дејан Трајчевски од „Енкор медиа продукција“, со Николче Ѓорѓиевски задолжен за осветлувањето. Посебна благодарност за поддршката при реализацијата на проектот е упатена и до Центарот за култура од Битола.

Со ова заедничко музичко издание, Code 369 и „Паркети“ уште еднаш ги здружија силите, овојпат за песна која зборува за љубовта, копнежот и наједноставното, а понекогаш и најтешкото прашање што може да се постави.

Дали македонската верзија ќе ви се допадне повеќе од оригиналната? Проценете сами – во продолжение погледнете го новиот видеоспот за „Ме сакаш ли?“






