Миленикот на публиката на сите генерации, популарниот Влатко Лозаноски – Лозано, вчера ги израдува своите обожаватели со најавата за еден посебен музички настан. Имено, на 5 март 2027 година, Лозано за првпат ќе одржи солистички концерт во Македонската филхармонија, каде што ќе ѝ понуди на публиката поинакво музичко доживување, со посебен концепт и интимна атмосфера. Станува збор за концерт на кој Лозано ќе има можност да ѝ се приближи на публиката на досега неоткриен начин. Наместо вообичаениот концертен формат, овојпат акцентот ќе биде ставен на интимноста, музиката и непосредната комуникација со публиката. Блиска средба со неговите обожаватели, во посебен амбиент, со песните што одбележаа значаен дел од неговата кариера, но и со поинаква музичка атмосфера. Се најавува вечер што ќе се памети долго и музичко доживување какво што досега не сме имале можност да го видиме од Лозано.

Но, концертот во Филхармонијата е само дел од интензивниот период што му претстои на Лозано. Веќе на 17 ноември тој заминува за Соединетите Американски Држави, каде што на 20 ноември го очекува првиот настап од новата американска турнеја. Засега се планирани седум концертни настапи во градови и сојузни држави со најбројна македонска дијаспора. Лозано повторно ќе има можност преку својата музика да ја поврзе Македонија со нашите иселеници и да им приреди вечери исполнети со добро познатите хитови и македонска песна. Меѓународните активности продолжуваат и следната година.

Во април 2027 година Лозано повторно заминува за Австралија, овојпат на заедничка турнеја со своите пријатели, момците од дуото Next Time. Тројцата музичари повторно ќе застанат пред македонската публика на австралискиот континент, продолжувајќи ја успешната приказна со заеднички настапи. Паралелно со концертните обврски, во тек е и работата на нова музика. Лозано, заедно со својот авторски тим, Магдалена и Лазар Цветковски, работи на нови песни кои во претстојниот период треба да донесат свежина во неговиот музички опус. Станува збор за нови музички проекти и соработки кои публиката со нетрпение ќе ги очекува. Очигледно е дека пред Лозаноски претстои исклучително динамичен период – бројни настапи, меѓународни турнеи, нова музика и нови музички предизвици. Сето тоа најавува дека 2026 и 2027 година би можеле да бидат едни од најуспешните и најзначајните години во неговата досегашна кариера.







