По поголема пауза, македонскиот музичар и пејач Дејан Бобиќ – Дексо повторно се враќа на музичката сцена, и тоа со авторска песна што ги буди емоциите и потсетува на моќта на добрата поп-рок балада. Неговото ново музичко поглавје го носи насловот „Ден за ден“ – песна во која пејачот ги става во прв план својот моќен вокал и емотивната интерпретација, а зад реализацијата застанува „Хитмејкер“.

Наместо да трча по актуелните музички трендови и да се вклопува во она што е модерно во моментов, Дексо избира проверена формула – добар поп-рок звук, силна мелодија и емоции што се чувствуваат во секој стих. Токму неговиот глас е во центарот на приказната, а баладичниот пристап ѝ дава посебна тежина на песната.

Објавена во втората половина на октомври, „Ден за ден“ е музичкиот потпис со кој Дексо повторно потсетува на себе и најавува ново авторско поглавје. По подолгото отсуство, пејачот повторно има што да им понуди на љубителите на домашната музика, а враќањето со балада покажува дека понекогаш емоцијата вреди повеќе од сите трендови заедно.

Инаку Дексо е познат македонски поп-рок пејач, музичар и композитор кој е активен на македонската музичка сцена уште од крајот на 1990-тите години. Неговиот препознатлив моќен вокал, баладичниот стил и соработките со врвни македонски уметници го прават едно од препознатливите лица на домашната забавна музика.

Во текот на годините соработува со познати македонски имиња. Забележителни се неговите дуети како „My Endless Love“ со Андријана Јаневска, настапите со Националниот џез оркестар, како и поп-фанк проектите со Толе Принц (за макфестовската композиција „Фанк“). Исто така, тој е дел од специјални музички настани, како што е концертниот проект „Golden Rock Swings“.

Дали „Ден за ден“ ќе ги освои слушателите и ќе го врати Дексо во фокусот на домашната музичка сцена? Проценете сами откако ќе ја проследите неговата нова песна во продолжение…






