Радио Милева спектакл или дебакл?

Концертот за Тоше во салата „Грипе“ во Сплит откажан и презакажан за нов датум во клуб, на кој повеќето македонски пејачи ги нема?!

Концертот за Тоше во салата „Грипе“ во Сплит откажан и презакажан за нов датум во клуб, на кој повеќето македонски пејачи ги нема?!

Концертот „Тоше засекогаш – музиката што живее“ (Toše Forever – Glazba Koja Živi), кој требаше да се одржи на 16 октомври во салата „Грипе“ во Сплит, е одложен за 20 ноември 2026 година. Настанот ќе се одржи во клубот „Порат“ во Сплит, информираше Eventim – Хрватска.

Според известувањето до купувачите, веќе купените билети остануваат важечки и не е потребно да се заменуваат. Оние на кои новиот датум не им одговара можат да побараат враќање на парите најдоцна до 29 октомври 2026 година.
За билетите купени преку Eventim, барањето за поврат треба да се испрати на [email protected], со наведување на ID-бројот на нарачката. Парите ќе бидат вратени на сметката од која биле платени билетите. Купувачите што ги купиле билетите на продажни места треба да побараат поврат таму, исто така најдоцна до 29 октомври.

Концертот беше најавен како музичка вечер посветена на македонската музичка легенда Тоше Проески, со изведби на неговите безвременски песни и хуманитарна нота. Според најавите за настанот, требаше да настапат македонски и хрватски музичари, меѓу кои Ивана Ковач, ќерката на Мишо Ковач, и Петар Драгојевиќ, внук на Оливер Драгојевиќ, како и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ и младата пејачка Илма Карахмет од Босна и Херцеговина, придружувани од 30-член македонски симфониски оркестар под диригентство на Владимир Димовски.

Меѓу најавените изведувачи беа и гостите од Македонија и тоа пејачите: Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровска, Огнен Здравковски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски. Дел од приходите требаше да бидат донирани во хуманитарни цели.

Но, во најавата на организаторот за новиот датум повеќето познати македонски пејачи ги нема!? Од првично споменатите остануваат само поанонимните Александар Тасевски и Сеид Алиовски, на кои е најавено дека ќе им се придружат  Јасмин Алиевски и Наде Талевска.

Покрај ова, познато е дека најавата за концертот уште во јули предизвика реакција и од членовите на семејството на Тоше Проески. Неговите блиски јавно се оградија од настанот и порачаа дека не дале дозвола за негово одржување. Во објавата што ја сподели сестрата на Тоше, Дора Проеска, а ја пренесе и нејзиниот син Кристијан Ристески, семејството нагласи дека не стои зад организацијата на концертот и дека ги поседува правата поврзани со неговото наследство.


Од семејството тогаш предупредија дека не сакаат јавноста и обожавателите на Тоше да бидат доведени во заблуда во врска со настанот. И покрај оваа реакција, концертот продолжи да се најавува, а сега организаторите го променија датумот и локацијата, како и дел од имињата на изведувачите.

Засега, во известувањето за одложувањето што го испрати Eventim не се наведува причината за промената на датумот и местото на одржување, па оттаму останува мистеријата дали недоволната продажба на влезниците ги принуди да го откажат концертот и презакажат од спортска сала во клуб или има нешто трето што најавениот спектакл го претвори во дебакл?

Фото: Инстаграм/nade_talevska/Kristijan Risteski/toseforever.glazbakojazivi

To top