Во предвечерјето кога се навршуваат 19 години од трагичната смрт на нашиот ангел и музичката балканска мегаѕвезда Тоше Проески, на социјалните мрежи се појави приказна која повторно ги растрепери чувствата на неговите обожаватели. Станува збор за црниот џип „Фолксваген Туарег“, за кој се тврди дека некогаш бил во сопственост на македонската музичка легенда, а потоа со години останал заборавен, наводно затворен во некоја си гаража во Босна и Херцеговина.

Приказната на Фејсбук ја сподели извесен Заја Мујчиновиќ од Босна и Херцеговина, кој открива дека автомобилот поминал долги години скриен далеку од љубопитните погледи на јавноста.
„Црниот Туарег на Тоше Проески во Босна! Автомобил што времето го заборавило“, напиша Мујчиновиќ во својата објава.

Според неговото сведоштво, автомобилот пристигнал на Балканот пред многу години, по што останал кај сега веќе починатиот Јово. Таму, наводно, цели 11 години бил затворен во гаража, речиси недопрен, како да го чекал моментот повторно да ја разбуди љубопитноста за една одамна мината приказна.

„Црниот Туарег на Тоше Проески во Босна! Црниот Туарег — автомобил што времето го заборавило.
Тој пристигнал на Балканот пред многу години и останал кај покојниот Јово. Единаесет долги години бил заробен во гаража, скриен од погледот и целосно заборавен.
Како што годините минувале, тој останал речиси недопрен — како нем сведок на приказна што дури сега излегува на виделина.
Некои автомобили поминуваат километри. Овој патувал низ времето“ – напишал авторот на објавата.
Двата „туарега“ на Тоше и деталот што привлече посебно внимание!
Но, најинтересниот дел од приказната допрва следува. Мујчиновиќ во коментар појаснил дека, според него, постоеле два примерока на автомобилот поврзани со Тоше – црниот и сивиот, во кој пејачот трагично го загуби животот.
„Сè уште не можам да поверувам дека луѓето не знаат дека постоеја два примерока, овој црниот и сивиот фејслифт, во кој, за жал, загина“, напиша тој.

Токму овој детаљ дополнително ја разгоре љубопитноста на оние што и денес со голема емоција го чуваат споменот на Тоше. Секој нов предмет, фотографија или сведоштво што се поврзува со неговиот живот повторно отвора спомени за пејачот чија музика и човечност оставија длабока трага низ целиот Балкан.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година, на 26-годишна возраст, во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка во Хрватска. Неговото заминување беше огромна загуба за македонската музика, но и за публиката во регионот, која и по толку години не го заборава.
Речиси две децении подоцна, приказната за црниот „Туарег“ повторно го враќа вниманието кон еден дел од животот на непрежалениот пејач.

Сепак, важно е да се напомене дека засега станува збор за тврдења изнесени во објавата на Мујчиновиќ. Автентичноста на приказната, сопственичката историја на автомобилот и неговата директна поврзаност со Тоше не се независно потврдени.
Иако евидентно е дека во многу што наликува на еден од неговите џипови, за што сведочат фотографиите и видеата, во кои тој се појавува сам или со својата менаџерка Љиљана Петровиќ и една русокоса, која наликува на неговата тогашна девојка, екс ракометарката Адријана Будимир.

И додека јавноста бара доколку џипот е автентичен да се врати и паркира во спомен куќата на Тоше – музејот на Гумење во Крушево, останува дилемата: Дали навистина се работи за подвижен артефакт во вид на изгубен во времето заборавен спомен или само обид за голема измама и привлекување внимание заради популарност?

Фото и видео: Facebook/Zaja Mujcinovic





