Радио Милева вкусна традиција и забавна едукација

Шеф Никола во нова улога – професор за правење ајвар: Првите ученици положија – Поповиќ и Баркли преобразени од инфлуенсери во домаќини! (ВИДЕО)

Шеф Никола во нова улога – професор за правење ајвар: Првите ученици положија – Поповиќ и Баркли преобразени од инфлуенсери во домаќини! (ВИДЕО)

Младите денес знаат сè за социјалните мрежи, за Chat GPT и Gemini, за мобилните телефони, компјутерите, но знаат ли да ги заменат родителите во една од најважните работи во македонската гастрономска традиција, да подготват зимница? Или поточно да направат ајвар? Одговорот би бил – поразителен, зашто бројот на вакви „млади домаќини“ e незначителен. Токму затоа, познатиот Шеф Никола од „Брза кујна“ реши да ги научи!

А од кого ќе почнеш, ако не од оние што најмногу се експонираат на Јутјуб и Инстаграм – инфлуенсерите, јутјуберите и поткастерите.

Шеф Никола ги подбра за да ги научи како да им помогнат на родителите, а воедно и да им покажат на сите други врсници како се подготвува „највкусната и надалеку позната македонска традиционална ствар“ – вкусен македонски ајвар!

Додека тој го распалуваше ќумбето, младите Поповиќ и Баркли најпрвин ги прати на пазар во набавка на црвена пиперка – ајварка, а потоа им обеси по една кецела и едукативната подготовка започна.

Познатиот македонски готвач и телевизиско лице, преку ајвар видео школата реши на интересен и забавен начин да им покаже и ним и на сите на млади како се подготвува еден од најголемите македонски специјалитети – домашниот ајвар.

Прва фаза цепење дрва за потпала, па штом тенеќе ќумбето добро се загрее се тргнува со печење на пиперките! Претходно, пред да почне да се пече, пиперката мора добро да се избрише!

А, за да не изгори, пиперката мора да се врти од сите страни… Потоа штом кората добро ќе поцрни, пиперката онака добро испечена се трга од печката.

Макар, понекоја и тотално подзагорела, ќе заврши работа и никако не се фрла!

Е после тоа доаѓа можеби најтешката работа, барем според многумина – лупењето и вадењето семки од печените пиперки.

Следна фаза мелење, за кое сите знаат како се прави, ама сепак… Ако негде заглави, среде акција следува мобилна консултација.

А после тоа она најважното – пржењето. Е тука има посебен мастраф, тука навистина треба да си шеф или професор со специјализиран ресор – ајвар мајстор! А Шеф Никола за таа работа е доктор на науки, а и едукатор за неуки! На Баркли и Поповиќ – учениците на пракса без многу да им збори им препушти само да учат и мешаат… Ајварот да не загори!

Ако не знаат како или мешањето негде им заглави, шефот ќе им покаже како тоа се прави!

И на крај пред да следи дегустацијата и да биде најголемо радувањето, следува пакувањето. Едни ги полнат теглите со подготвената сочна убавина, други ги затвораат со капачиња!

А за дегустација не мора да бараш доброволци, спремна е цела нација. Сепак, кој го правел, прв и го пробал. Таза печено лепче намачкано со уште потазе пржено ајварче!

И така, во друштво на познатите млади момци, со многу смеа, забава и работа, шеф Никола испраќа едноставна, но важна порака: „Млади, не чекајте мама, тато, баба или дедо да ви направат зимница. Засукајте ги ракавите, помогнете им и научете нешто што утре и на вашите деца ќе им го пренесете!“

Видеото во продолжение е доказ дека готвењето и традицијата можат да се пренесуваат и преку забава…

 

 

To top