Македонскиот фолк-пејач Јордан Митев не е само препознатлив по својот моќен вокал и авторскиот потпис, туку и по она што му е најважно надвор од сцената – семејството, традицијата и домот.
На големиот христијански празник Крстовден, во духот на православната вера и Божјиот благослов, Јордан Митев и неговата сопруга Славица имаат трипати причина за радост – го примија во Светата Црква својот син Кристијан, со чинот на Светото Крштение, а малечкиот и ги прослави и својот прв роденден и именден.

Чинот на Светото Крштение се одржа во храмот „Света Троица“ во Радовиш, во присуство на најблиските членови на семејството, во свечена и исполнета со вера атмосфера.

И не било случајно токму овој датум да биде избран за големиот семеен настан. Малиот Кристијан на свет дошол токму на Крстовден, големиот христијански празник, па неговото име има посебна симболика и значење за целото семејство, па така покрај двата убави и радосни поводи тој ден имаше и трет – именденот на малечкиот!

Пред точно една година, во домот на Јордан и Славица пристигнала најубавата радост – машкото чедо кое денес веќе го направи својот прв голем чекор во животот.

А таткото Јордан, како што доликува на еден емотивен родител, не останал без зборови. На својот син му посветил силна и искрена порака, откривајќи дека најубавите желби за неговата иднина ги преточил и во своја песна.

Семејната приказна на Јордан е особено интересна и поради неговата сопруга. Иако Славица е родена во далечната Австралија, по нивната венчавка двајцата донеле важна одлука – својот живот и семејниот дом да го градат во радовишкото село Подареш.

Наместо живот далеку од родниот крај, тие го избрале мирот, традицијата и семејниот живот, покажувајќи дека за нив најголемото богатство не е она што се купува со пари, туку домот исполнет со љубов, деца и семејна топлина.

Денот кога Кристијан наполни една година и го прими светото крштевање за Митеви и нивното семејство, како и за најблиските роднини и пријатели беше токму таков – ден за паметење, исполнет со емоции, традиција и семејна радост… Ден за благослов!
Фото и видео: Facebook






