Радио Милева се повлекува

Нина Бадриќ се откажува од летните настапи: „Од парите поважен е мирот“

Нина Бадриќ се откажува од летните настапи: „Од парите поважен е мирот“

Иако ова лето прифатила шест концерти, популарната хрватска пејачка Нина Бадриќ во разговор за „Магазин ИН“ откри дека од следната година сака целосно да направи пауза од летните настапи. По години исполнети со концерти и патувања, пејачката вели дека ѝ е доста од трчањето по деловни обврски и дека сака летата да ги поминува во мир и со најблиските.

„Само прифатив шест концерти, а ако даде Бог здравје, следната година не планирам да работам ништо. Значи, цело лето сакам да одморам, исто како Оливер Драгојевиќ. Летото е за да не се работи, брзо поминува, секогаш го прекинуваш со многу настапи, а нема потреба да трчаш по ништо во животот. Мислам дека поважен од парите и од сè е некој мир“, започна таа.

Бадриќ и ова лето дел од времето го поминала во својата оаза во Јелса на Хвар, каде што, како што вели, уживала во едноставен ритам без деловни обврски. Особено ѝ значело времето што го поминала со мајка ѝ.

„Ми напиша Розга: „Нина, ти навистина одмораш?“ Јас ѝ велам: „А ти навистина се убиваш од работа“. Јас едноставно повеќе не би можела така. Природно будење, велосипед, јас не палам автомобил, ќе зготвам нешто, по 17 часот капење, се чувам од сонцето, лесно дружење. Бев, што ми е највредно, со мајка ми. Месец и нешто дена беше со мене на Хвар и тоа ми се благословени моменти“, открила таа.

На концертот во Шибеник Нина се присетила и на своите колеги, меѓу кои бил и Дино Дворник, кој уште на почетокот на нејзината кариера го препознал нејзиниот талент. Иако ѝ советувал да се држи до фанк-музиката, нејзината кариера на крајот ја одбележале токму баладите.

„И тогаш ми рече: „Никогаш немој да се испоселанчиш, немој да чујам дека си почнала да снимаш балади, па сега пееш некакви балади, па си станала старица.“ А всушност, јас направив сè спротивно од она што го кажа тој. Тој секогаш сакаше јас да пеам фанк-музика, да биде тоа брза, танцова музика, со тоа и започнав, но еве, баладите всушност ме одбележаа“, рекла таа.

Ден по концертот во Шибеник настапила на тврдината Клис, а дел од хонорарот го донирала на семејство од Омиш кое во пожар останало без дом и имот.

„Тоа семејство не го познавам лично, но знам дека тоа се луѓе кои, за жал, во една секунда останале без целиот свој живот. Едноставно не ми оди во глава дека сè уште некој може да дојде и да пали пожари, односно сè што луѓето го создавале целиот живот во дел од секунда да исчезне. За тоа треба да постојат драконски и драстични казни, и парични и затворски, бидејќи тоа е рамно на тероризам“, рекла таа.

Зборувајќи за својата кариера, Бадриќ истакнала дека низ годините била подготвена многу да ризикува и сама да ја преземе одговорноста за своите одлуки.

„Кога нешто е лошо, јас секогаш ја преземам вината, а кога нешто е добро, ја делам со сите. Тоа е некоја моја приказна. Не би му ја препорачала никому, за тоа треба да имаш специфичен карактер, можам да кажам и храброст, особено ако си жена. Но навреме сфатив некои работи и си реков, сега сама биди одговорна за сè, па ако пропаѓаш, барем сама си одговорна за тоа. И никако да пропаднам“, истакнала пејачката.

Таа се осврнала и на прашањето за односот на мажите кон успешните жени. Смета дека проблемот не е во тоа што мажите нужно се плашат од нив, туку дека успехот на жената може да биде проблем за оние кои самите не се оствариле.

„Не би рекла дека се плашат од нив, туку дека не им одговараат. На мажите не им одговараат успешни жени, особено на мажите кои не се успешни, кои не се остварени, бидејќи не можат тука, да речеме, да бидат некаков авторитет. Но, би рекла од некое мое искуство дека на мажите кои се остварени во што било во животот, кои цврсто стојат на свои нозе, многу им се допаѓаат успешни жени“, рекла, меѓу другото, во разговорот.

To top