„Сергеј едвај чекаме да си се видиме, да си јајме по едно рипче, да си напрајме еден убав концерт, по едно винце да си се напијаме...“ со овие зборови, на својот препознатлив охридски дијалект, членовите на ВИС Билјана му испратија поздрав на Сергеј Ќетковиќ во пресрет на концертот закажан на 9 август на Античкиот театар во Охрид.
Во видеото полно со хумор, топлина и охридски шмек, му порачаа дека сѐ е подготвено, ама малку му „напраја и да му е неубо“… З’ш му го покажаја езерото. Сергеј на тоа им одговори шмекерски со „Билјана платно белеше“…
„Дечки, договорена е работава, ојме…“, порачаа од кајчето легендарните охридски музичари, најавувајќи ја средбата што со нетрпение ја очекува и публиката.
View this post on Instagram
Токму ВИС Билјана ќе бидат специјални гости на концертот на Сергеј Ќетковиќ, носејќи ја на сцената музичката традиција на Охрид и создавајќи единствен спој со еден од најомилените регионални кантавтори.
По минатогодишната вечер која остави силен впечаток, Сергеј повторно се враќа на Античкиот театар како дел од својата Live Tour 2026, а годинава концертот добива уште една посебна димензија – средба на две музички приказни што публиката подеднакво ги сака.
На 9 август, древната сцена повторно ќе биде исполнета со емоции, безвременски песни и атмосфера каква што може да создаде само Охрид. Кога на едно место ќе се спојат Сергеј Ќетковиќ, ВИС Билјана и македонската публика, тогаш концертот не е само концерт, туку вечер што се раскажува долго по последниот аплауз. Влезниците се во продажба преку продажната мрежа на e-ticket.mk.







