Мегафон јубилеј

30 години на естрада: Борче Наумовски-Министерот подготвува голем концертен спектакл во Хераклеја

30 години на естрада: Борче Наумовски-Министерот подготвува голем концертен спектакл во Хераклеја

Нашиот познат фолк пејач Борче Наумовски-Министерот годинава одбележува значаен јубилеј – 30 години на македонската естрада, а по тој повод на 22 јули 2026 година (среда) во античкиот локалитет Хераклеја во Битола, со почеток во 20:30 часот, ќе го одржи својот досега најголем концертен спектакл.

Наумовски преку своите профили на социјалните мрежи официјално ја потврди информацијата за концертот, истакнувајќи дека станува збор за настан што долго ќе се памети. На сцената ќе настапи придружуван од голем оркестар во живо, а за публиката најавува богата музичка програма составена од неговите најголеми хитови создадени во текот на тридецениската кариера.

„Ве очекуваме во што поголем број. Ви ветувам на сите голем спектакл кој долго ќе се памети“, порача Борче Наумовски-Министерот во својата покана до љубителите на македонската народна музика.

Дополнителна вредност на концертот ќе дадат и бројните музички гости кои ќе настапат заедно со Борче. На сцената во Хераклеја ќе се појават Татјана Стефановска, Даниела Темелковска, Марјан Коцев, Миле Кузмановски, како и популарното дуо Кате и Трајче Соната, додека музичката поддршка ќе ја предводи маестро Кирил Стојчевски со неговиот голем оркестар.

Картите за концертот веќе се пуштени во продажба по цена од 600 денари, а можат да се набават на билетарницата на Народниот театар во Битола, во продажните места „Тобако Димпо“ и „Тобако Брадерс“, како и онлајн.

По три децении исполнети со бројни настапи, фестивалски учества и песни што ја пронајдоа својата публика, Борче Наумовски-Министерот се подготвува на достоинствен начин да го одбележи својот голем јубилеј. Судејќи според најавите и имињата на гостите, Битола на 22 јули ќе биде домаќин на една од најголемите фолк музички вечери ова лето.

To top