Мегафон фестивалски осврт

Заврши и 32-то издание на „Охрид фест“: Фестивалот во рамките на очекуваното, фолк вечерта одново квалитативно подоминантна

Заврши и 32-то издание на „Охрид фест“: Фестивалот во рамките на очекуваното, фолк вечерта одново квалитативно подоминантна

Последниот викенд од месец август, 30 и 31-ви (петок/сабота) во Охрид се одржа традиционалниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, поточно неговото 32-ро издание. Еден од најдолговечните музички настани и годинава го донесе сето она што беше во рамките очекуваното. И на организационен и сценско-визуелен и на содржинско-музички план.

Поделен во две вечери, домашна фолк и интернационална поп вечер, и ова издание на „Трубадурите“ донесе дузина нови песни. Од нив за жал, малку ќе ги слушме на ионака оскудните минути на радио и ТВ фреквенциите кои им се посветени на домашните изведувачи и автори, оти… Таква ни е културната политика. Законот не ги обврзува електронските медиуми задолжително да пуштаат македонска музика!

Сепак, општиот впечаток е дека каква и да е македонската сцена секако постои и време е некој да почне да ја третира онака како што треба, за да не останеме и без она малку што тлее, а преку музиката е тесно поврзано и со нацијата, јазикот и со идентитетот, за кој на сите нам, особено на политичарите секојдневно им се полни устите, а на дело, барем на овој план, државата никаде ја нема.

Првата фолк вечер донесе нови жанровски различни композиции и мелодии кои во себе носеа и различни стилови.

Така, можевме да слушнеме песни со чалгаџиски звуци, со етно-поп елементи, микс на латино и македонски фолклор, новосоздадена народна  „класика“…

Според општиот впечаток, стручниот критериум, новинарските оценки и изборот на публиката од сите испеани фолк нумери, без оглед на изборот и редоследот на наградите,  најмногу се издвоија песните кои ги изведоа Нино Величковски, Јованка Јо,  Даце Николовски, Мишко Крстевски, Горан Тодоровски…!

Ирена Спировска во улога на домаќинка на фолк вечерта  вообичаено перфектно си ја заврши својата водителска работа.

Втората, Интернационална поп вечер стартуваше со пех… Заради временските непогоди и најавената „(не)временска прогноза“ почетокот на фестивалската вечер беше поместен за цели час и половина понапред, па наместо во закажаниот термин од 20.30 часот, фестивалот започна во 19 часот. Со тоа пропадна и можноста и таа да биде проследен низ директен ТВ пренос на ТВ Алфа како и претходната фолк вечер.

За среќа дождот почна да лее дури на крајот, кога сите учесници на вечерта излегоа заедно со рок легендата Дадо Топиќ да ја отпеат единствената „Македонија“.

Домашните изведувачи, освен една-две песни (Ивона Јо или Тамара Волческа) не донесоа баш и некоја стилско-музичка свежина. Не дека немаше уште неколку други добри, но сето тоа како да  наликува на „веќе слушнато“. Затоа личен, но и општ впечаток е дека и годинава фолк вечерта квалитативно отскокна и беше подоминантна од онаа втората.

Гостите можеме да ги поделиме во три категории. Оие кои слободно можете да ги окаректиризирате како домаќини, како српскиот кантавтор Срѓан Марјановиќ или легендарниот хрватски рокер Дадо Топиќ, па и српскиот евровизиски претставник Принц од Врање, кои со години по ред се присутни на фестивалот.

Втората категорија пејачи – втора, па и трета лига. Српска, хрватска, босанска… Без оглед што зад некои од нивните песни стојат звучни композиторски имиња како на пример Саша Милошевиќ – Маре, Душан Бачиќ, Лена Ковачевиќ…

Но, затоа она што го испеа победникот, Словенецот со  македонско потекло Анџело, зад чија песна стои композиторот Горан Шарац, сосема заслужено ја понесе првата награда, како победник на „Охрид фест“ од гласовите на публиката.

Второто место го освои Ивона Јо, а третото дуетот Дорис Димовска и Наум Бумбаровски. Дуото „Броз и марама“ го освоија првото место од жирито, второто Наталија Данаилова, а третото Саша Лазаревиќ- Кудра од Србија.

Блаж Маротов ја освои наградата од новинарите.

 

Атрактивната Марјана Станојковска исто така беспрекорно си ја заврши водителската работа на интернационалната поп вечер.

Отсуството на големи ѕвона најавуваниот Оливер Мандиќ не е ни за коментар. Наводно, му избегал авионот, кој полетал 12 минути порано – е изговорот! Како да требало да трча по автобус, а не да биде 2 часа порано на аеродром. Но, нему впрочем отсекогаш му било поважно да се зборува за неговите скандали. Ионака оддамна ниту негде настапува, ниту пее,  а и нови песни  нема 30 години, ако не и повеќе. Затоа, можеби и подобро што не дојде!

„Драго ми е што и покрај големото невреме во Охрид успеавме успешно да го одржиме фестивалот. Почнавме порано поради најавениот дожд, а целиот тим и сите учесници професионално си го одработија ангжамнот“, рече директорот на фестивалот Григор Копров, според кого , впрочем како и секоја година ова било најдоброто издание на неговиот „Охрид фест“.

„Македонски Санремо“ – што би рекол и самиот во неговата вообичаена фраза. А дали е баш така, е друга работа?!

Сепак, евидентно е дека фестивалот треба, мора и заслужува да постои. Од многу причини! Музички, естрадни, забавни, културолошки, национални… секакви! Како што е евидентно дека оддамна е време да ја смени својата форма. Содржинска, концептуална, музичка… На „Охрид фест“ му е потребна свежина за да не заврши „на апарати“. Финансиска, организациона, авторска, изведувачка…! Наградите се ирелевантни, не мора ниту да ги има, зашто многу поважно е да има нова музика, полна со модерни, свежи хитови и балади кои ќе (о)станат безвременски. Вака, ќе остане само да „живурка“ додека го има Копров и неговите пријатели – мецени!

Фото: Дејан Петковски/Јованка Грозданоска

To top