Промотер

Современ џез, класика и македонски корени во деби албумoт на Христијан Ристески – „Waters dance“

Современ џез, класика и македонски корени во деби албумoт на Христијан Ристески – „Waters dance“

Македонскиот музичар Христијан Ристески го објави својот дебитантски албум „Waters Dance“, проект кој произлегува од неговиот личен и музички пат во изминатите години.

Албумот содржи девет авторски композиции преку кои Ристески истражува теми како идентитетот, движењето и трансформацијата, спојувајќи го современиот џез со своето класично музичко образование и влијанијата од македонските музички корени.

„Waters Dance“ е резултат на постепеното оформување на музички идеи, искуства и емоции, кои сега се обединети во целосна авторска целина. За Ристески, објавувањето на албумот претставува важен момент, бидејќи музиката на која работел во изминатиот период конечно стигнува до публиката.

На албумот учествуваат пијанистот Марко Чурнчец, контрабасистот Харви и тапанарот Крис Смит, кои ги оживуваат деветте композиции на Ристески.

Снимката е реализирана во студиото „Stefano Amerio“, каде што за снимањето и продукцијата се погрижил Стефано Америо.

Посебен дел од проектот е и визуелниот идентитет на албумот. Насловната фотографија е дело на Asma Kocjan, дизајнот на CD и винил изданието е на Љубен Трајаноски, фотографиите во внатрешниот дел на винилот се на Даниел Јовески, додека фотографиите во буклетот се на Петра Цвелбар.

Во создавањето на буклетот учествувале и Лорен Стилман и Јоханес Берауер. Стилман, покрај авторскиот придонес кон текстовите, бил и ментор на Ристески во текот на создавањето на албумот, додека Берауер дал свој придонес со текст во буклетот. За албумот пишувал и Ендрју Рид, уредник на „Jazz In Europe | Jazz Magazine“.

„Waters Dance“ од денес е достапен за слушање, како и во физички изданија на CD и винил.

Со овој албум, Христијан Ристески го заокружува својот досегашен музички пат во девет авторски композиции, оставајќи простор секој слушател во нив да пронајде сопствено значење и чувство.

To top