Мегафон простор за поинаков пристап

Сезонско финале на BURU во МСУ

Музејот на современа уметност можеби беше најлогичното место за сезонското финале. Просторот, кој со децении претставува еден од најважните симболи на модернистичкото Скопје, за момент доби нова функција и ги спои музиката, архитектурата, креативноста и заедништвото во едно незаборавно искуство

Сезонско финале на BURU во МСУ

Ретки се настаните кои создаваат чувство дека присуствувате на нешто кое постепено се претвора во културен феномен. Токму таква беше атмосферата на последното издание на BURU, кое викендов ја затвори својата прва сезона во Музејот на современа уметност во Скопје.

Со најголема посетеност досега, колективот уште еднаш покажа дека зад неговиот раст не стои само добро организиран настан, туку јасно изградена идеја за тоа како музиката може да комуницира со градот.

Од самиот почеток, BURU не се обидуваше да биде уште една журка во календарот. Проектот настана како иницијатива на група млади луѓе кои чувствуваа дека постои простор за поинаков пристап кон културното и музичкото искуство. Наместо да ја стават музиката во позадина, тие ја поставија во центарот на вниманието. Наместо да избираат предвидливи локации, почнаа да истражуваат простори што носат сопствен карактер и значење.

Така, BURU се движеше низ различни градови и контексти – од Скопје до Мадрид, од музеи, до театри и отворени јавни културни простори. Секое издание изгледаше различно, но зад секое стоеше истата идеја: создавање внимателно осмислено доживување во кое музиката, архитектурата и публиката функционираат како целина.

Музејот на современа уметност можеби беше најлогичното место за сезонското финале. Просторот, кој со децении претставува еден од најважните симболи на модернистичкото Скопје, за момент доби нова функција и ги спои музиката, архитектурата, креативноста и заедништвото во едно незаборавно искуство.

Настанот го отвори Da Vid, кој со прецизно селектиран сет постепено ја воведе публиката во атмосферата на вечерта. Следуваше настапот на Ampov и Dimchuga, дуото зад Rabo de Toro, едно од најпочитуваните и највлијателни имиња на домашната електронска сцена. Нивната препознатлива селекција и енергија уште еднаш потврдија зошто се сметаат за едни од најдобрите локални артисти. Овој пат гостуваше италијанскиот DJ и продуцент Auggië, кој со својот звук внесе дополнителна интернационална димензија во програмата и ја заокружи вечерта во духот на вредностите што BURU ги негува – поврзување на локалната сцена со современите европски музички текови.

BURU не следи трендови, туку препознава вредност во искуство кое денес станува сè поретко. Во време на бескрајни дигитални содржини, BURU нуди нешто едноставно, но моќно: можност луѓето навистина да бидат заедно. Токму затоа нивните настани привлекуваат публика која не доаѓа само за да слушне музика, туку и за да биде дел од заедница, која всушност претставува и најголемата вредност на BURU.

Фактот што BURU за толку кратко време успеа да покаже дека во Скопје сè уште постои публика ,,гладна” за внимателно курирани културни искуства е најголем успех.

За организаторите, затворањето на сезоната не претставува завршница, туку нова почетна точка. Следниот чекор е уште поамбициозен: поврзување на локалната сцена со градови како Атина, Белград, Берлин и Ибица и претворање на BURU во платформа што ќе ја носи современата македонска култура надвор од нејзините граници.

Ако саботната вечер беше показател за насоката во која се движи проектот, тогаш BURU повеќе не е само настан. Станува културно движење кое успева да го врати чувството дека градот повторно има простор за нови идеи, нови заедници и ноќи што долго се паметат.

Фото: buru_jun ErvinKovac

To top