Почина легендарниот македонски бас гитарист Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар, еден од членовите на култната њу вејв/рок група од 1980-тите, „Бастион“.
Роден во 1959, Стојсављевиќ прво свирел во групата „Уста на уста“, по што им се придружил на Кирил Џајковски и Ана Костовска во „Бастион“, каде што како четврти член фигурирал Милчо Манчевски. „Бастион“ постоеше само три години, од 1982 до 1985, но беше еден од првите македонски бендови кој снимал во студиото на „ПГП РТБ“. Единствениот албум едноставно насловен „Бастион“ го објави во 1984.

„Бастион“, кој содржи осум песни, е снимен во Скопје во 1983 година, а официјално издаден наредната година од „ПГП-РТБ“ на српски јазик. Овој албум е единствениот снимен материјал што произлезе од кратката соработка помеѓу пејачката и актерка Ана Костовска, музичарите Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој беше автор на текстовите, а го сними и спотот за „Жежок ден во Мексико“ (Hot Day in Mexico), од кој денес не постои снимка. Низ годините, албумот се здоби со легендарен статус и никогаш не загуби од својата свежина, а групата го понесе епитетот „македонска електро-поп сензација“.

Албумот беше реиздаден на плоча во 2018 од издавачката куќа „АЦЦ рекордс“. За реизданието беше снимено и видео за „Деца на Сонцето“.

По распадот на „Бастион“, Стојсављевиќ објави уште два албума со други проекти. Заедно со џез музичарите Владан Дробицки, Панче Бујуклиев и Гоце Наумов го сними албумот „СД4“ во 2020 под етикетата на „ПМГЏез“, а свиреше и на вториот концертен албум на групата „Парамециум“ на Гарабет Тавитјан.






