Радио Милева македонскиот естраден дел од пеколот

Осум членови од тимот на ДНК – осум загубени млади човечки животи: По сообраќајната несреќа во која загинаа пејачката Сашка Петковска и членовите на балетската група „Авона“, ова е најбројната македонска естрадна трагедија

Осум членови од тимот на ДНК – осум загубени млади човечки животи: По сообраќајната несреќа во која загинаа пејачката Сашка Петковска и членовите на балетската група „Авона“, ова е најбројната македонска естрадна трагедија

Македонија памети страшни трагедии во кои згаснале мноштво човечки животи. Особено трагични и траорни се оние во кои заминуваат млади луѓе. Траорот, болката и тагата добиваат  масовна димензија когамеѓу нив има и познати лица, јавни личности, популарни и дел од естрадата. Такви естрадни трагедии сме имале неколку, кои ја потресле пошироката јавност,  кои и денес се паметат, за кои и по толку години се зборува, се сеќаваме на прерано згаснатите  човечки животи на познати естрадни уметници. Некои млади, некои повозрасни, ама сите златни луѓе.

Можеби за јавноста досега најголем беше шокот при заминувањето на македонскиот музички ангел Тоше Проески, во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. И беше… Зашто Тоше беше ултрапопуларен, мегаѕвезда во регионот.  Трагедија која ја зави во црно не само Македонија, домашната естрада, туку и целиот регион и Балканот. Ужасна загуба од која никогаш не се опоравивме.

Рок групата „Триангл“ ќе остане  запаметена по тоа што беа меѓу прваите македонски рок групи кои во својата авторска музика вметнуваат етно елементи и македонски фолклорни мотиви. За жал, брилијантните гитарски импровизации на тогашниот музички гуру на групата, гитаристот Борче, ќе згаснат заедно со неговиот живот. Тој во почетокот на 80-ите, само неколку години од основањето на бендот  ќе загине во тешка сообраќајна несреќа на денешната улица „Васил Ѓоргов“ во скопската населба Козле, во која ќе бидат тешко повредени и некои од останатите членови на групата, меѓу кои и басистот Кокан Пандиловски.

Македонија уште  ја памети и големата семејна трагедија што се случи во 1995 година на патот Охрид – Скопје, кога во страшна сообраќајна несреќа животот го загуби познатиот македонски композитор, текстописец и пејач, Владимир Нејашмиќ – Бато, во чиј паркиран автомобил крај патот удри друго возило. Во трагичната несреќе животот покрај него го загубија и неговата сопруга и малотната ќеркичка. Бато беше познат како автор на музиката на многу  поп, фолк, детски песни и композиции и стихови за нив, меѓу кои и текстот на легендарната „Свирете ја зајди, зајди“ со која Олгица Христовска победи на „Макфест“ 1992. година.

Македонската пејачка фолк легенда Петранка Костадинова,  трагично загина во сообраќајна несреќа  пред 23 години на кобниот 3-ти февруари и тоа речиси во центарот на Скопје. Пејачката загина откако во неа удрил автомобил во близина на Судската палата во Скопје. Пред да случи несреќата, таа била во МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната “Мајка“ која требало да ја изведува на престојниот  фестивал на родољубиви и патриотски псни “Гоце фест”. Но, суровата судбина одлучи поинаку.

Но, се’ досега, до овој кобен 16 март 2025 година, најбројната македонска естрадна трагедија во која познати македонски естрадни ѕвезди  на ваков несреќен и насилен начин прерано го загубија животот, најмногу се паметеше страшната сообраќајна несреќа во која на 31 август 1983 година, на патот  Куманово-Свети Николе загинаа тогаш многу популарната македонска пејачка на забавни песни, Сашка Петковска – Липша.  Покрај неа животите ги загубија  и трите главни члена на првата македонска балетска група „Авона“ – Вељко Павичевиќ (26), Петранка (27) и Евдокија (23).

Во истата несреќа загинаа вкупно 9 лица, меѓу кои и естрадни уметници, нивни пријатели, колеги, како и припадници на тогашната ЈНА.  Автобусот со кој патувале требало да го однесе да оддржат концерт за припадниците на  ЈНА, кои се наоѓале на извршување на редовните обврски кај Свети Николе. За жал никогаш не стигнаа…

Сепак, по сообраќајната несреќа во која загинаа пејачката Сашка Петковска и членовите на балетската група „Авона“, пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани е најбројната македонска естрадна трагедија… Меѓу 59-те жртви, млади животи помеѓу 14 и 24-25 години, загинаа осум членови од тимот на ДНК – осум прерано и наслно трагично загубени млади човечки животи.

Покрај пејачот на ДНК Андреј Ѓорѓиески, меѓу загинатите во пожарот во Кочани се и клавијатуристот Филип Стевановски, бас гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков – Жути, бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо“ и и фотографот Александар Ефремов, кој ги следеше ДНК на речиси сите настапи низ земјава.

Незапаметена катастрофа, која ја зави и цела Македонија и македоската естрада во црно. Никогаш и никому повеќе да не се повтори.

Фото: Архива/Социјални мрежи

To top