Пејачката Неда Украден започна нов бизнис заедно со својата ќерка и докторката Милица, а покрај разговорот за убавината и негата, се осврна и на своите примања.
Сепак, особено внимание привлече нејзината реакција на коментарите дека се наоѓа на платниот список на државно претпријатие и дека добива пари од државната каса. Неда одлучи да изнесе конкретни податоци за своите примања, откривајќи колкава пензија добива во Босна и Херцеговина, а колкава во Србија.
– Со два факултета и сите можни награди во мојата професија, најголеми во поранешна Југославија, имам 28 години кариера во Босна и пензија од 62 евра. Во Србија сум од 1992 година и тука пензијата ми е 37.000 динари, и тоа со сите признанија, како „Златен беочуг“. За среќа, работам многу вредно, активна сум и исклучително ценета во регионот. Токму се вратив од националната телевизија во Букурешт, каде што ме пречекаа како најголема балканска ѕвезда – истакна Неда.

Пејачката посебно нагласи дека никогаш не живеела на туѓа сметка, ниту некогаш примала плата од државата, туку дека сè што има денес го стекнала со долгогодишна работа и вложување во кариерата.
– Никогаш во животот не сум тропнала на ничија врата, ниту сум примала плата ниту еден единствен ден. Што заработив од плочи, касети и концерти – заработив, и на тоа е платен данок. Имаме фирма и сите тие пари ги вложивме тука, вработуваме десетици работници, мојата ќерка и зет. Парите не ги изнесувам во Лихтенштајн или на Кајманските Острови, туку инвестирам во мојот град и обезбедувам егзистенција за семејства. Наместо измислици, треба да се каже: „Браво, жено, носеше куфери и микрофони низ светот и донесе пари тука“ – порача музичката ѕвезда.

Неда откри и дека нема намера да се пресметува со оние кои изнесуваат невистини за неа, бидејќи смета дека најголемата сатисфакција ѝ е сето она што го постигнала во текот на кариерата.

– Денес секој има право да напише што сака и не вреди да се губи време на тужби. Мојата сатисфакција се песните и тоа колку значам надвор од границите на оваа земја. Сè што се обидуваше да ме понижи и уништи остана зад мене. Остана песната и жената со енергија која го создаде сето тоа. Преживеавме разни катастрофи, па продолжуваме понатаму – заклучи Неда.
foto: printscreen/facebook





