Оперскиот пејач Ристе Велков, баритонот на Македонската национална опера и балет и неговиот син Адам се меѓу загинатите во стравичната сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на скопската обиколница. Според неофицијалните информации на Скопје 1, Ристе го управувал возилото. Адам пак е втора година на ФИНКИ. Со нив биле уште две лица, од кои едното лице е 20-годишниот П.М. Идентитетот на второто лице се утврдува.
Според неофицијалните информации, истражните органи веќе утврдиле дека камионот удира директно во нив, без кочење, по што возилото „БМВ“ се пали, а камионот излетува од патот.
Трагедијата се случи вчеравечер околу 23.00 часот помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога товарно возило со косовски регистарски таблички ја пробило заштитната ограда, преминало во спротивната лента и директно се судрило со патничко возило „БМВ“.
По ударот избувнал силен пожар, а автомобилот целосно изгорел. Во несреќата загинаа четири лица.
Според официјалните информации од МВР, животот го загубиле возачот Р.В. (51), двајца 20-годишни сопатници и уште едно лице чиј идентитет првично не беше утврден. Подоцна беше потврдено дека меѓу жртвите се и оперскиот уметник Ристе Велков и неговиот син Адам.
Возачот на камионот, 76-годишен државјанин на Косово, е приведен, а истрагата за причините за несреќата е во тек.






