Промотер

Калиопи го промовираше својот нов „Албум“ со неколку видеоспота (ФОТО)

Калиопи го промовираше својот нов „Албум“ со неколку видеоспота (ФОТО)

Македонскат поп дива Калиопи Букле  во среда, 29 мај 2024, точно напладне во еден од најелитните скопски ресторани го промовираше своето најново дискографско аудио чедо едноставно насловено „Албум“. „Албум“ – от содржи 10 песни, од кои неколку се веќе познати и излегоа како претходница на новиот материјал, како на пример „Кад осване“ или дует песната со Жељко Самарџиќ насловена „Знам“, додека останатите се сосема нови и за нив се се изработени и видеоспотови.

Видно возбудена, но и радосна и пресреќна пејачката пред рекордниот број присутни соработници, претставници на медиумите, спонзори, помагатели, пријатели… најпрвин сите ги поздрави, го претстави материјалот, екипата со која соработувала на песните и видеата, а потоа го повика нејзиниот долгогодишен соработник, автор и музички продуцент и  екс сопруг Ромео Грил, кој за оваа пригода допатува специјално од Швајцарија каде живее и работи долги години.

По кратката конверзација, Калиопи најави дека присутните ќе имаат ексклузивна можност да ги преслушаат сите песни од нејзиниот нов „Албум“, а во исто време и промотивно видат снимените видеа за шест песни од албумот.

Инаку целокупниот материјал како композитор го потпишува Ромео Грил, кој и самиот е аранжер на песните и музички продуцент на албумот, а воедно и свири клавијатури и бас гитара, но бил и задолжен за програмирањето. Стиховите за дел од песните исто така ги напишал дел тој, дел самата Калиопи.

Покрај споменатиот Жељко Самарџиќ, во песната „Казна“ гостува Марко Маринковиќ Слаткаристика кој е и коавтор на текстот за истата.

Материјалот е  сниман во две различни студиа и тоа GMP studio – во Базел со Дон карло Џовани и во „Абракадабра“ студио во Скопје со Бранко Попчевски, а материјалот е миксан мастериран во Загреб.

Музички албумот многу не отстапува од веќе препознатливиот стил на Калиопи, која свој печат става во секоја од песните, без оглед дали е тоа брза тема или балада. Нејзината безвременска интерпретација, до совршенство доведените вокални способности и експресијата која умее да и ја вдахне на секоја песна, прави „Албум“ да биде уште едно вредно музичко „парче душа“ од кое некои песни вечно ќе останат.

Кога на тоа ќе му се придодадат беспрекорната продукција и чистината на саундот, едноставните но прецизни аранжмани кои и даваат посебен декор на секоја од песните и емотивните лирски стихови кои гаѓаат точно во срцето, јасно е дека ова е уште една „нишка бисери“  која како сопствена колекција од драгоцени музички спомени Калиопи ја гради и собира со години.

Сепак од „Албум“-от покрај веќе претходно објавените и слушнати, се издвојуваат неколку песни. Една брза и три балади.

Како потенцијален хит се издвојува песната испеана на македонски која го отвора албумот, игривата, ритмична „Ела“ која долго ќе се врти во радиоетерот на сите радиостаници. Иако можеби и нетипична за стилот на Калиопи, но совршено избалансирана и погодена уште на прво слушање да биде веднаш препознаена за пеење во еден глас, за танц и забава. Со заразен рефрен и стихови кои како грст прашалници, непознаници, недоумици, проблеми и дилеми збунувачки се испреплетуваат во главите на  денешните тинејџерки, „Ела“ е веројатно новиот радиски хит за ова лето.

„Зашто“ е една од баладите или поточно споровозни теми кои не толку музички, колку  што по својот сензибилитет и по содржината на стиховите може да се препознае како логичен наследник, како второ продолжение на нејзината „Месечина“. Потрагата по она што неизмерно ни недостасува низ патувањето по спомените и сеќавањата, она по што толку многу копнеема, за што живееме, а сепак колку и да го сакаме, не можеме да го имаме тогаш кога ќе посакаме. Навидум љубовна песна, а можеби и не е… Всушност љубов да, ама можеби една поинаква, поисконска, мајчина… Како и онаа во „Месечина“?!

„Дај ми комад душе“ е уште една балада во која невозвратената љубов или барем недоволно возвратената, ги бранува емоциите при нејзиното слушање. Хармонски едноставно решена, но убавината е токму во едноставноста во која доминира вокалот на Калиопи, но, не на начин како што таа умее, како ураган да оддува се’ околу себе, туку моќта на магијата овој пат е токму во нејзината нежна, суптилна интерпретација. Единствен начин на кој само таа знае да ги пренесе чувствата кои ја треперат душата, а оној кој ја слуша песната да се наежи. Да ги почувствува како морници. Умешност на изведбата која ја можат само малкумина и тоа оние – најголемите.

„Казна“ е уште една балада, овој пат акустична, во чија анплагд изведба и стихови можете да ги почувствувате осаменоста, болните спомени, жигот на љубовниот грев и последиците од неостварената љубов… И сето тоа како „Казна“ на совеста, која како печат на душата ја носиш довека. Тема во која на Калиопи и гостува Марко Маринковиќ Слаткаристика, кој со сиот почит кон идејата за спојот, сепак остава впечаток на „вишок дел“ во преубавата, толку нежна, а толку сензитивна тема во која се испрплетуваат поп музиката, акустиката и класиката. За рапери во обид да запејат, место тука сепак нема.

Визуелизацијата на споменатите песни Калиопи им ја доверила на проверената екипа на веќе докажаниот Огнен Шапковски и неговата „Мелем продукција“, кои рака на срце веројатно со буџетот  кој го имале, максимално се потрудиле и го ефектуирале во видеата. Иако очигледно нискобуџетни, видеоспотовите  совршено ја следат приказната од стиховите на секоја песна, особено во баладите, па може да се каже дека истите доволно ефикасно ја покривааат музичката сторија. Евидентно е дека Калиопи сакала со буџетот со кој располагала да покрие што повеќе нови песни со видеоспот, иако можела, па  и морала да жртвува ако треба и половина од визуелизираниот материјал, за онаа друга избрана половина визуелно да изгледа многу погламурозно, поскапо,  пофилмски, помагично… како што спотовите на една регионална музичка мегаѕвезда и доликуваат. Зашто и самата Опи, како и овие песни тоа го заслужуваат.

 

 

To top