Радио Милева Од Прилеп до словенечката елита

Кај нас не го ни познаваат, а македонскиот Нејмар европските скаути веќе го имаат на радар (ВИДЕО)

Кај нас не го ни познаваат, а македонскиот Нејмар европските скаути веќе го имаат на радар (ВИДЕО)

Додека македонската јавност сè уште го запознава неговото име, во Словенија веќе одамна знаат кој е Емир Саитоски. Момчето родено во Прилеп на 8 мај 2003 година тивко, но сигурно гради кариера која ветува многу, а неговите настапи сезонава предизвикаа вистинско внимание кај фудбалските познавачи.

Фудбалскиот пат на Саитоски не бил воопшто лесен. Уште како 13-годишник ја напуштил Македонија и заминал во Словенија, каде што чекор по чекор го трасирал патот кон професионалниот фудбал. Минувал низ школите на Домажле и Олимпија Љубљана, а подоцна настапувал и за Мура пред да стане еден од главните адути на ФК Алуминиј.

Денес ја носи „десетката“ на Алуминиј – број што традиционално им припаѓа на најкреативните и најталентирани играчи во тимот. А дека не е случајно, покажуваат и бројките. Во сезоната 2025/26 постигна девет голови и забележа една асистенција во словенечката Прва лига, со што се вброи меѓу најефикасните офанзивци во шампионатот. Неговите брзи продори, дриблинзи и чувство за гол донесоа и ласкави споредби.

Дел од словенечките фудбалски кругови го нарекуваат „македонски Нејмар“, алудирајќи на неговиот атрактивен стил на игра и способноста со еден потег да го смени текот на натпреварот.

Особено впечатлив беше неговиот развој во последните две сезони. Од млад талент кој бараше минутажа, Саитоски прерасна во играч што редовно ги полни насловните страници на спортските медиуми во Словенија.

Со 12 голови за Алуминиј во сите натпреварувања и договор до 2027 година, не е чудо што сè почесто се шпекулира за негов следен чекор кон посилна европска лига.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by saitoski (@emirsaitoski)

Интересна е и неговата репрезентативна приказна. Прво ги бранеше боите на младинските селекции на Македонија до 17 и до 19 години, но подоцна доби словенечко државјанство и настапуваше за репрезентацијата на Словенија до 21 година.

Во моментов неговата пазарна вредност се проценува на околу 350.000 евра, но ако продолжи со вакви партии, таа бројка лесно може да порасне. Едно е сигурно – прилепчанецот повеќе не е само талент во најава, туку име за кое допрва ќе се зборува на фудбалската сцена. Македонскиот Нејмар европските скаути веќе го имаат на радар!

Фото и видео: Инстаграм и Фејсбук/emirsaitoski

To top