Мегафон незаборавно музичко доживување

Интервју од Малта: Ана со гордост ќе пее за Македонија – да ја поддржиме!

Интервју од Малта: Ана со гордост ќе пее за Македонија – да ја поддржиме!

Од сончевата Малта, каде што деновиве се чувствува вистинскиот евровизиски дух, ви носиме приказна за талентот, соништата и гордоста да се претставува својата земја.

Македонската претставничка на Детската Евровизија, Ана Стојаноска, веќе неколку дена е дел од ова незаборавно музичко доживување, каде што подготовките се во полн ек, возбудата расте, а големиот настап е се поблиску.

Слаткото девојче од Струга, со Македонија во срцето, во моментот кога ќе застане на грандиозната сцена, станува борец. Нејзиното најмоќно оружје е гласот, нејзин најсилен сојузник е маестралната песна на Николче Мицевски и Илчо Нечовски, а целта е да се донесе успех во име на Македонија.

Зад неа се многу труд, посветеност и желба Македонија да се претстави во најдобро светло. Пред најважниот момент, КУРИР разговара со Ана за впечатоците од Малта, емоциите пред излегувањето на сцената и поддршката што ја добива од дома.

КУРИР: Ана, веќе неколку дена си во Малта, каде што ја живееш евровизиската бајка. Кои се твоите први впечатоци и што најмногу те воодушеви досега?

АНА: Сончевата Малта е прекрасна, особено во екот на јуниорската недела. Во тимот владее еуфорија и позитивна енергија, но секако и голема посветеност на нашата задача, а тоа е да и го донесеме на Македонија најдобриот резултат на фестивалот досега. Во оваа прилика би сакала да ја издвојам посетата на католичкото училиште за девојчиња Joseph каде што бевме топло пречекани и каде во еден глас со повеќе од 200 ученички ја отпеавме „Идната јас“ на македонски јазик. Посебно ме изненади тоа што ученичките имаа рачно изработени македонски знаменца кои за мене се најскапоцениот сувенир.

КУРИР: Кога пристигна и почнаа официјалните настани и пробите, дали возбудата беше поголема од очекуваното? Кој беше твојот најемотивен момент досега?

АНА: Дефинитивно најемотивно беше првото соочување со големата сцена кога во мене се сплотија радоста и непознатото, но брзо се стабилизирав бидејќи добивам огромна поддршка од моите придружнички на сцената – танчерките Каја, Калина и Елена, тука е и тимот на МТВ, но ми помага и одличната соработка со организаторите ЕБУ и малтешкиот јавен сервис ПБС.

КУРИР: Сега кога настапот е сè поблиску, кои емоции преовладуваат кај тебе?

АНА: Како што се доближува настапот возбудата станува се поголема. Среќна сум што имам можност да ги бранам боите на македонското знаме на најголемиот телевизиски фестивал за деца во Европа и фокусирана сум на мојата интерпретација со цел да ја направам Македонија горда.

КУРИР: Со тебе на сцената се Калина, Каја и Елена. Како заедно се подготвувате за настапот и колку  ти е важно што ги имаш како поддршка, покрај себе?

АНА: Калина, Каја и Елена се прекрасни девојки со кои многу се дружиме и ми помагаат многу во ова патување, затоа што тие имаат поголемо искуство со вакви големи сцени. Според мене, тие се клучен дел од сложувалката. Заедно ја искусивме евровизиската магија и тоа никогаш нема да го заборавам. Редовно вежбаме во хотелот каде што сме сместени заедно со кореографот Илија Карадакоски.

КУРИР: Дали добиваш пораки од Македонија и поддршка од Македонците ширум светот што ти даваат дополнителна сила?

АНА: Поддршката која ја добивам е неопислива. Секојдневно ми стигнуваат пораки од пријатели и фанови од Македонија и светот. Се разбира, најмногу ми значи поддршката од дома, но и поддршката од македонската заедница на Малта.

КУРИР: Ана, зад тебе стои цела Македонија. Што би им порачала на сите деца, родители и љубители на музиката кои ќе те следат од дома?

АНА: Посакувам сите што ќе ја слушнат „Идната јас“ да ја доживеат пораката и да ги следат своите соништа, онака како што ги следам и јас, и им порачувам да внимаваат што посакуваат бидејќи може да им се исполни. Песната е еден потсетник за тоа дека треба да го негуваме и слушаме во себе и со оваа порака може да се поврзат и најмалите и возрасните.

КУРИР: Следува настапот, а со него и можноста публиката да ти ја даде својата поддршка. Како би ги повикала гледачите да гласаат за тебе и да бидат дел од оваа евровизиска приказна?

АНА: Песната и настапот ги работиме со многу љубов и позитивна мисла, наидуваме на прекрасни реакции и искрено верувам дека имаме шанса на Македонија да и го донесеме најголемиот успех. Начинот за гласање е многу едноставен – со посета на следниот линк https://vote.eurovision.com/

Првиот гласачки прозорец се отвора во петок, 23.10.2026 во 23:59 и се затвора во сабота, 24.10.2026 во 20:59. Вториот гласачки прозорец ќе биде отворен 15минути по завршување на последната, шеснаесеттата песна на 24-тото издание на Јуниорскиот Евросонг.

Ана е подготвена да го даде најдоброто од себе, а сега е ред и на публиката да биде нејзината најголема поддршка! Ги повикуваме сите да ја следат, да навиваат за неа и да гласаат според официјалните правила на Детската Евровизија. Затоа што секој глас е поддршка за Ана и за Македонија!

фото:Instagram

To top