Промотер

Горд на своето потекло: Боби Андонов објави кавер за македонската – „Јовано, Јованке“ (ВИДЕО)

Горд на своето потекло: Боби Андонов објави кавер за македонската – „Јовано, Јованке“ (ВИДЕО)

Боби Андонов е македонски пејач, текстописец и продуцент, роден во Мелбурн Австралија, по потекло од Струмица, а живее и работи во Лос Анџелес (САД).

Македонската публика го памети по настапот на детската евровизија во далечната 2008-ма година во Кипар, каде на негови 14 год. ја претставуваше Македонија. Во конкуренција од петнаесет земји Боби се пласираше на високото петто место со песната “Прати ми СМС“ во продукција на Јованов Рекордс.

Музичката кариера ја почнува на шест годишна возраст, ученик е по пеење, танц, пијано и гитара, а на девет години настапува во младинскиот мјузикл “Брилијантин”. Подоцна тој е избран да биде млад Симба во бродвејската продукција на “Кралот лав” во Мелбурн и Шангај, Кина.

За големината на неговиот талент и потенцијал доби потврда од нашиот најголем Тоше Проески, каде во септември 2007 год. на Австралиската турнеја на Тоше во Мелбурн имаа заедничка изведба на песната “Life is a book”.

Во 2010 година учествува во шоуто “Australia’s Got Talent” каде се пласира во големото финале, а со изведба на песната “Фајтер“ од Кристина Агилера завршува на петтото место.

Соработува со Warner Music, а во ноември 2015-та Андонов потпишува договор со Hollywood Records и се сели во Лос Анџелес, каде живее и работи денес.

Пред точно една година го објавува синглот “Bad Decisions“, кој се најде во хит филмот на Netflix – “After Everything“ и котираше високо на топ листите низ цела Европа.

Горд на своето македонско потекло, пред една недела објавува верзија на Јовано Јованке, за која миксот и мастерингот го изработи нашиот познат продуцент Јован Јованов.

“Сакам да објавам нешто и за моите фанови од Македонија, како благодарност за сета љубов и поддршка што ми ја даваат за сите овие години” – ќе изјави Боби.

Боби Андонов во моментот е во Лос Анџелес и работи на нов албум кој е со наслов “Saint” и би требало да излезе на 9-ти мај, а тој во меѓувреме работи и на проекти за други изведувачи, но има желба и се надева дека оваа година ќе ја посети Македонија.

 

To top