Македонската фолк сцена доби уште едно музичко изненадување кое веќе предизвикува големо внимание кај публиката. Фолк пејачите Гоце Петрески и Стојне Николова ги здружија грлата во новата заедничка дует песна со наслов „Мори моме лично убаво“, која уште на прво слушање звучи како загарантиран фолк хит.

Овој дует доаѓа целосно неочекувано и без претходна најава, што дополнително ја изненади и израдува нивната публика. Но, и покрај изненадувањето, едно е сигурно – песната има сè што е потребно за да стане омилена кај публиката.
„Мори моме лично убаво“ носи препознатлив фолк мелос, силна емоција и рефрен што лесно се памети, а многумина веќе коментираат дека токму оваа песна ќе биде неизбежна на свадби, веселби, прослави и сите големи семејни собири.

Музикастиховите ги напишал Злате Кулевски,аранжманот го изработил Бобан Мојсовски, додека аудио продукцијата ја потпишува ХL студио Момировски. Во песната како гости свират Мишел Трајковски на хармоника и Џељо Дестановски на зурла. Видеозаписот е во продукцијана ИН Продукција/ИН ТВ Австралија.

Гоце Петрески важи за еден од најголемите хитмејкери на македонската фолк сцена уште од 90-тите години, а неговите песни и денес се пеат со ист жар и емоција. Неговата кариера трае со децении, а публиката сè уште со нетрпение го следи секој негов нов проект.
Од друга страна, Стојне Николова е едно од најактуелните имиња на денешната фолк сцена, препознатлива по својата енергија, атрактивен изглед, неодолив сексапил и секако препознатливиот вокал, огледан во честите авторски песни кои редовно ги освојуваат симпатиите на публиката.

Спојот на искуството и традицијата на Гоце со современиот пристап и популарноста на Стојне резултираше со песна која веќе се најавува како вистински музички погодок.
Фановите веќе коментираат дека ова е дует што одамна требало да се случи, а „Мори моме лично убаво“ има сите шанси да стане една од најслушаните народни песни во периодот што следува.







