Авторот и ТВ водител на една од неодамна згаснатите култни емисии „Јади бурек“, Јанко Илковски, преку својот профил на социјалните мрежи предизвика бура од коментари и реакции со статусот од кој многумина се пронајдоа.
Јанко се осврна на принципот за наплата низ поголемите маркети кога касиерките во трка со потрошувачите и во спрега со наметнатиот принцип на работа, кубурат со муштеријата, производите за наплата и редицата потрошувачи до недоглед.
Ова е секојдневна слика со која се соочуваме, па додека за едни ваквото темпо е прифатливо и сосема во ред, за други голем проблем со кој тешко се справуваат, особено повозрасните, тие со мали дечиња, слаба моторика… Токму за оваа дневна проблематика Јанко во својата објава вели дека решение за хаосот и тензијата има, а истата не е негова измислица, туку пракса веќе применлива во некои земји низ светот.

-До сите ланци маркети, слушајте добро…
Време е да воведете не брзи, туку бавни каси. Има се повеќе старо население кое нема динамика на вашето брзо куцање и набутување на намирниците, и нетрпеливо чекање да плати, додека другите фрштат низ нос оти немаат трпение….
Бавна каса е токму тоа, никој да не се брза, едно по едно, со малку муабет и секако убаво да се спакува и картичката, кусурот, новачникот, да провери убаво … сепак стари луѓе се, а секој ден ви се таму…
И да издишат нетрпеливите касиерки, а и сениорите да не создаваат долги гужви. Не може да третираш 70 годишен пензионер, кој мака мачи со рефлекси и 30 годишен азган кој секоја секунда му е битна. Јапонија, Холандија, Обединето Кралство веќе воведoa вакви каси, и не, не е луксуз, напротив, практично и хумано, стои во објавата на Јанко.

Следеа илјада реакции и околку сто коментари, секој со своето искуство и видување, но резимето беше заедничко – дека сме толку беспомошни и заглавени во секојдневниот хаос.
Самонаплатна каса, повеќе вработени или како што вели Јанко „бавна каса“ како опција сигурно би било разумно решение, зашто дневните набавки во маркети не се задоволство, туку потреба.
Старатегијата на трговците и менаџментот и она што се делегира како задача за вработените е тешко како за работникот, така и за потрошувачот, а се’ тоа по секоја цена за поголем дневен профит.
фото:You tube printscreen/ Република/ Freepik





