Организаторите на „Тумба фест“ од Здружението „Ризница“ од Куманово, и оваа година продолжува традиционалното организирање на единствениот фестивал на светот кој ги негува, промовира а со тоа и сочувува дијалектите како историско културно наследство. Неколку години наназад освен песни исполнети на македонски литературен јазик и кумановскиот дијалект, се интерпретираат и песни на другите дијалекти од нашата држава, па така се пееше на битолски, прилепски, гевгелиски и други дијалекти.
Годинава ќе се интерпретираат песни на дојрански, валандовски, кавадаречки и кривопаланечки, охридски и ресенски дијалект, но секако најголем дел од песните ќе бидат интерпретирани на нашиот кумановски дијалект.
„Тумба фест“ е единствениот Фестивал на светот кој ги негува дијалектите, но и раскажува приказни, специфични за регионите од каде ни доаѓаат, и на тој начин амбицијата ни е да го негуваме историското културно наследство, кое во секој случај треба да го потенцираме особено во овие времиња кога се побргу се живее, а културното наследство е подложено на заборавање.
На Фестивалот кој е од ревијален карактер ќе се доделуваат две награди, Награда за животно дело и Награда за најслушана песна помеѓу двата фестивала. „Тумба фест 2024“ ќе се одржи на 29-ти август, со почеток во 20.00 часот на градскиот плоштад во Куманово.