Летото во овој дел на земјината топка пуштено на најсилно, па Македонија со денови и недели зоврива од неподносливата жештина. Се разладува кој како може, знае и умее, од вентилатор и клима, до базен, езеро, море или само црево, леѓен или пластично буре… Кој што има, дур не дојде зима.
И додека кај нас пеколна е климата, зимата на јужната хемисфера наголемо по свое си тера. Најјужниот континент, земјата таму долу, далечната Австралија е зафатена со снежни влијанија. Или барем градот и околината каде живеат и работат многу наши иселеници, а меѓу нив повеќе од една деценија и естрадно-брачната фолк двојка, Татјана Лазаревска – Новица Василевски со нивната фамилија.

Во деновите кога улиците низ нејзиното родно Скопје но и останатите македонски градови се претвораат во вистински фурни, Татјана Лазаревска се јави од Австралија, каде нè пренесува во целосно различна атмосфера. Една сосема поинаква реалност во која пејачката сега таму ужива – зима, снег и зимски лудории.

Местото наречено Lake Mountain алпски ресорт, лоцирано во планински крај кој се наоѓа на два часа возење од Мелбурн и е вистински зимски рај.

Нешто налик на еден од нашите зимски центри, од каде пејачката ни ја доловила зимата која сега царува во Австралија.
„Ајде вие таму по Америките, низ Европа, во Македонија… Што се варите на 40 степени, елате овде малце да ве разладиме…“ – фолкерката ги покани на гости своите сонародници.

Метеж, гужва, и дечиња и возрасни се санкаат и прават снешко… Кој нема санка или е голем за да седне на неа, по удолнината на белата замрзната снежна смеса, може да се пушти и седнат на пластична кеса!
View this post on Instagram
А, штом носот и обравчињата ќе се подзацрвенат, а прстите на рачињата се подзамрзнат, за подоцна да не биде леле мајче, бргу влегувај внатре да се стоплиш, со кафенце и топло чајче, а може и со чаша супа на столче или клупа.

Откако планираното време за зимски лудории заврши, Татјана ја собра екипата и тргна да се враќа дома. Во онаа – австралиската, во Мелбурн. При тоа со жалење заклучи дека наместо сонародниците да дојдат „на ладење“, наскоро таа ќе им се придружи во родната Македонија… „на варење“ по кое срцето копнее!

Фото и видео: Фејсбук и Инстаграм/tatjanalazarevska_official







