Џим Кери стапи во брак. Портпаролот на 64-годишниот актер во средата за списанието „Пипл“ (People) потврди дека тој се оженил со својата партнерка, Мин А. Тие стапија во брак седум месеци откако заедно се појавија на доделувањето на наградите „Цезар“ во Франција. Тогаш, Кери ја нарече Мин А своја „прекрасна партнерка“ во говор одржан целосно на француски јазик.
„Ви благодарам на моето прекрасно семејство, на ќерка ми Џејн и на внукот Џексон. Ве сакам сега и засекогаш. Ви благодарам на мојата прекрасна партнерка, Мин А“, рече тој на француски, додека публиката со стоечки овации ги поздравуваше неговата ќерка, внукот и партнерката. „Те сакам, Мин А. И на крајот, ви благодарам на најзабавниот човек што некогаш сум го познавал – мојот татко, Перси Џозеф Кери, кој ме научи на вредноста на љубовта, великодушноста и смеата.“
View this post on Instagram
Ѕвездата на филмот „Ace Ventura“ е познат по тоа што ретко зборува за својот приватен живот. Во април 2022 година, за време на промоцијата на филмот „Sonic: Superjež 2“, во интервју за Access Hollywood тој изјави дека размислува да се повлече од актерството за да ужива во помирен живот.
Кога водителката Кит Хувер го праша дали навистина сериозно размислува за тоа, Кери одговори: „Прилично сум сериозен.“
„Зависи“, објаснил тој. „Ако ангелите ми донесат сценарио напишано со златно мастило и ми дадат до знаење дека станува збор за нешто што на луѓето ќе им биде многу важно да го видат, можеби ќе продолжам да глумам. Но засега правам пауза.“
Тој рекол дека го цени животот далеку од очите на јавноста, во кој може да се занимава со сликање и да поминува време со семејството.
„Многу го сакам мојот мирен живот, сакам да сликам и го сакам мојот духовен живот. Чувствувам дека имам доволно, а тоа е нешто што можеби повеќе никогаш нема да го слушнете од некоја славна личност“, изјавил тој.
Кери претходно беше во врска со Џинџер Гонзага, колешка од серијата „Kidding“. Заедно првпат се појавија на црвениот тепих во јануари 2019 година, кога портпаролот на актерот за People потврди дека се во врска. Во октомври истата година, Us Weekly објавил дека тие раскинале по помалку од една година.
Актерот претходно беше во брак со Лорен Холи, со која глумеше во филмот „Глупав и поглупав“, од 1996 до 1997 година. Со својата прва сопруга Мелиса Вомер, со која ја има ќерката Џејн, беше во брак од 1987 до 1995 година.
Foto: printscreen/ instagram/ jimcarrey__






