По повод 35 години од независноста на Република Македонија, денес, 8 септември 2026 година, во една од највеличествените концертни сцени во земјава – црквата „Св. Софија“ во Охрид, ќе се одржи свечениот концерт „Македоникум“.
Концертот ќе започне во 19:30 часот и ќе претставува музичко патување низ современиот македонски музички израз, во чест на јубилејот – 35 години независност.
Во центарот на вечерта ќе биде светски познатиот македонски композитор и пијанист Давор Јордановски, чии авторски дела ќе бидат изведени во уникатен камерен состав. Покрај самиот Јордановски на пијано, на сцената ќе настапат и врвните македонски уметници Сања Шуплевска (виолина), Марија Јаќимовска (флејта), Петар Колевски (кларинет) и Орце Ицкоски (фагот). Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма која преку современиот музички јазик ќе ја одбележи оваа значајна годишнина, а амбиентот на древната црква „Св. Софија“ дополнително ќе придонесе концертот да добие посебна уметничка и емотивна димензија.
„Македоникум“ претставува повеќе од концерт – тоа е музички омаж на македонската независност, култура и уметничко творештво, преку делата на еден од најпрепознатливите македонски композитори на меѓународната сцена. Влезот за концертот е слободен, а организаторите ги покануваат сите љубители на класичната и современата музика да бидат дел од оваа свечена прослава во чест на 35 години независна Македонија.




