По веста за смртта на легендарната актерка и пејачка Оливера Катарина, бројни пријатели и соработници се простуваат од неа со емотивни зборови и сеќавања.

Меѓу нив е и водителот на „Гранд“, Синиша Медиќ, кој откри досега непознати детали за нејзиниот живот и последните години што ги поминала во голема материјална немаштија.
Медиќ се присети на нивното прво запознавање, кога ја поканил да биде специјална гостинка на неговата роденденска прослава.
„Организирав голема роденденска забава на која присуствуваа многу познати личности – пејачи, актери и спортисти. Имав една желба тортата да ја пресече токму Оливера Катарина. Ја поканив со мала доза сомнеж, мислејќи дека нема да прифати, но таа веднаш се согласи“, раскажува тој.

По таа средба, Оливера го поканила Медиќ да биде нејзин ПР за концертот во Сава Центар, кој подоцна се покажал како нејзин последен настап.
„Никогаш нема да ја заборавам таа харизма и убавина што ја имаше. Публиката ги пееше сите нејзини песни, доаѓаше со плочи и постери за автограм. Атмосферата беше магична. Тогаш таа рече дека тоа ќе биде нејзиниот последен концерт и се прости од публиката. Беше навистина многу емотивно“, вели Медиќ.

Иако многумина верувале дека живее раскошен живот, реалноста била сосема поинаква.
„Гостуваше и во мојата емисија, каде што ми раскажа шокантни детали од својот живот – како страдала поради својата убавина, како била труена и како живеела како потстанар. Тоа беше сосема поинаква слика од она што јавноста го гледаше. Од живот како од бајките, до сиромаштија, цензура и забрани во медиумите“, открива водителот.

Медиќ вели дека во приватните разговори Оливера му доверила многу работи кои никогаш нема јавно да ги открие.
„Беше неверојатно убава жена, вистинска дама од времето кога немаше филтри и фотошоп. Но, знаеше да каже дека била пркосна и горда, а токму тоа многу ја чинело во животот. Ми раскажа многу работи што ќе останат меѓу нас, но можам да кажам дека последните дваесетина години, можеби и повеќе, живееше исклучително тешко“, изјави тој.

На крајот, Медиќ се прости од својата пријателка со емотивни зборови:
„Како што напишав и на Инстаграм, чест ми беше што имав можност да соработувам со неа. Диво, патувај со ангелите.“
Фото: Архива / социјални мрежи





