На само тринаесетина километри североисточно од Прилеп, на стариот пат кон Велес, високо над селото Присад и во непосредна близина на превојот Дервен, се издига манастирот „Свети Ѓорѓија“ кој е едно од најубавите духовни катчиња во прилепскиот крај. Од ова место погледот се губи кон пространото Прилепско Поле и вештачкото Прилепско Езеро, додека мирот што владее околу манастирот остава впечаток дека времето овде тече побавно.

Манастирскиот комплекс денес претставува омилено место за верниците, љубителите на природата и сите оние кои бараат духовен мир далеку од градската прилепска врева. Но зад неговите камени ѕидови се крие и една необична приказна, која со генерации се пренесува меѓу жителите на Присад.

Според народното предание,а и според кажувањата на Кире Василески од упрвата на манастирот, на ова место некогаш постоел многу постар манастир, кој бил разрушен во времето на османлиското владеење. Од него, според манастиркста управа, останал само голем камен крст и споменот дека токму тука со векови народот го прославувал Ѓурѓовден. Дури и кога светилиштето било урнато, луѓето не престанале да доаѓаат на ова место, верувајќи дека неговата светост никогаш не исчезнала.

Современиот манастир започнал да се обновува по Втората светска војна. Најнапред била изградена помала црква во 1953 година, а неколку години подоцна започнала изградбата на денешниот храм, чии темели биле осветени во 1964 година со благослов на првиот архиепископ на Македонската православна црква (МПЦ), Доситеј. Така, старото светилиште повторно оживеало, продолжувајќи ја вековната духовна традиција на овој простор. Изградбата на ова верско светилиште траела од 1945 до 1964 година.

До манастирот води комбиниран асфалтен и калдрмен пат, а уште при пристигнувањето посетителот го пречекува прекрасен поглед кој остава без здив. Манастирскиот двор е уреден, исполнет со зеленило и сенки од високите дрвја, што го прават идеално место за одмор и молитва. Во летните месеци овде често можат да се сретнат семејства, планинари, велосипедисти и туристи кои ја користат можноста да се одморат и да ја почувствуваат тишината што ретко каде може да се најде.

Особено свечено е на празникот Свети Ѓорѓија – Ѓурѓовден, кога манастирот станува собиралиште на илјадници верници од Прилеп и околните населени места. Тогаш дворот се исполнува со молитви, традиционални обичаи и заедничка трпеза, продолжувајќи ја вековната традиција на ова свето место.

Во изминатите години манастирот доби и дополнителна културна димензија. Во неговиот прекрасен амбиент редовно се организира Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен“, која собира уметници од Македонија и странство. Инспирирани од природата, тишината и духовната атмосфера, тие создаваат дела кои сведочат дека манастирот не е само место за молитва, туку и извор на уметничка инспирација.

Она што најсилно го чувствува секој посетител е мирот. Без разлика дали човек доаѓа како верник, турист, фотограф или случаен патник, манастирот „Свети Ѓорѓија“ остава впечаток што долго се памети. Камбанаријата, мирисот на темјанот, шумот на ветрот низ дрвјата и широкиот хоризонт над Прилепското Поле создаваат чувство дека овде човек е поблиску до бога, до природата и до самиот себе.

Имено, според управата на манастирот во манастирскиот олтар се наоѓаат и мошти на светецот за кои е посветен манастирот, а според нив во манастирот се случуваат и чуда со тоа што оние брачни парови кои немаат потомство по доаѓањето и молитва во манастирот жените остануваат бремени и добиваат потомство т.е пород.

Посебно место во историјата на манастирот зазема игуменија Катерина, жената која била првата монахиња која со својот труд и духовна посветеност оставила неизбришлива трага во развојот на ова светилиште. Таа била душата на манастирот во неговите почетоци, грижејќи се за духовниот живот, за уредувањето на комплексот и за секој посетител што ќе ги преминеше манастирските порти. Иако во 1979 година Игуменија Катерина била преместена во друг манастир, нејзината желба била по нејзиното упокојувањето повторно да се врати во својот духовен дом. Така, во 1990 година, игуменија Катерина била погребана во манастирот „Свети Ѓорѓија“, каде што нејзиниот вечен починок кој се наоѓа од десната страна веднаш до главните манастирски порти, и ден денес сведочи за нејзината љубов и пожртвуваност кон ова свето место.

Манастирот „Свети Ѓорѓија“ над Присад располага и со конаци за престој, а во манастирскиот двор се наоѓа и висококвалитетна света вода. Интересен е фактот што оваа година скопската илинденска коњаница која тргнува од скопско Трубарево, а која завршува во славното Крушево ќе го посети манастирот, а во истиот коњаницата ќе направи одмор со црковните звуци, духовниот мир, убавиот мирис на темјан и убавиот поглед кон Прилепското Поле.

Инаку, манастирот „Свети Ѓорѓија“ над прилепското село Присад не е само духовно светилиште. Тој е жив сведок на историјата, симбол на истрајноста на народната вера и едно од оние места кои вреди да се посетат барем еднаш. А оние што ќе дојдат еднаш, најчесто повторно се враќаат – привлечени од тишината, убавината и духовната сила што со децении го чуваат ова свето место над Прилеп
Подготвил: Христијан Ангелески







