Љубовта навистина не познава граници, а понекогаш најубавите животни приказни се случуваат токму кога најмалку ги очекуваме. Уредничката на Hype Македонија, Елеонора Лозналиева, деновиве живее вистинска романтична бајка откако на едно патување низ Германија го доби најважното прашање во животот – и без двоумење го кажа судбоносното „ДА“.

Магичниот момент се случил пред една од најпознатите европски знаменитости – величествената Келнска катедрала, и тоа на 7 јуни, денот кога нејзиниот избраник Боби го славел својот роденден.

Иако, како што признава Елеонора, чувствувала дека годинава би можело да дојде до свршувачка, воопшто не претпоставувала дека запросувањето ќе се случи токму за време на ова патување.
„Искрено, очекував дека годинава ќе дојде до запросување, но воопшто не претпоставував дека тоа ќе се случи токму на ова патување. Германија има посебно значење за мојот вереник поради неговата лична поврзаност со историјата на земјата, па затоа решивме да посетиме неколку германски градови“, открива таа.

Посетата на Келн за неа била остварување на долгогодишен сон, без воопшто да знае дека токму таму ја очекува најголемото изненадување.
„Келнската катедрала беше далеку од нашата првична маршрута и навистина не можев ни да замислам дека тој веќе имал план да стигнеме и до таму. За мене тоа беше исполнување на една голема животна желба“, вели Лозналиева.
Она што требало да биде обично вечерно фотографирање пред осветлената катедрала, се претворило во сцена како од романтичен филм.
„Чекавме да се стемни мислејќи дека само ќе направиме неколку фотографии, но очигледно неговиот план бил сосема поинаков. Во моментот кога ме запроси не можев да ги сопрам солзите. Тоа беше едно од најемоционалните и најубавите чувства што сум ги доживеала“, искрено раскажува таа.
Љубовната приказна на Елеонора и Боби трае речиси пет години, а нивното запознавање, како што открива, се случило сосема спонтано, далеку од денешните трендови и социјални мрежи.

По објавувањето на среќната вест, двојката беше преплавена со честитки, убави желби и пораки од пријатели, колеги и следбеници.
„Она што дополнително ме трогна е огромниот број честитки, убави зборови и благослови што ги добивме од луѓето. Сè уште сум под силни емоции и ќе ми треба време целосно да се совземам од ова прекрасно изненадување“, вели идната невеста.

Судејќи според фотографиите кои ги споделија од романтичниот Келн, ова патување засекогаш ќе остане врежано во нивните срца како почеток на едно ново, уште поубаво животно поглавје.

„Зад нас стои катедрала чија приказна се пишува речиси осум векови…
Преживеала војни, времиња на подеми и падови, но никогаш не била уништена.
Останала исправена, гордо издигната кон небото, како симбол на сила, истрајност и вечност.
Токму пред неа го добив најважното прашање во мојот живот.
Сфатив дека нашата љубов наликува на неа…Затоа што е совршена, затоа што е силна. Затоа што се гради секој ден, со доверба, почит и безусловно.
Затоа што ќе издржи сè што животот ќе стави пред нас. И затоа што, како и ова ремек-дело, е создадена да трае.
Ако за катедралата со векови се раскажуваат легенди, тогаш верувам дека и нашата приказна ќе живее долго по нас – во спомените, во смеата, во домот што ќе го создадеме и во љубовта што ќе ја носиме низ животот.
Под кулите што го допираат небото, го добив најубавото „засекогаш“ – споделила ТВ водителка на својот Инстаграм.
Фото: Инстаграм/eleonora_loznalieva




